Пријави стигаат во општините, во инспекциите, до Град Скопје, но ретко се случува проблемите со кои се соочуваат да се решат, затоа што нема законска пречка да се отвори објект во кој се подготвува храна во станбена зграда.Граѓани, каде во нивната зграда се наоѓаат угостителски објекти, честопати реагираат поради смрдеата која се шири од готвењето храна директно во нивните домови, но и поради узурпираниот простор со летните тераси пред зградите, како и на гласната музика и вревата од гостите која се прави пред нивните прозорци.
Тие пријавуваат во општините, во инспекциите, до Град Скопје, но ретко се случува проблемите со кои се соочуваат да се решат, затоа што нема законска пречка да се отвори објект во кој се подготвува храна во станбена зграда.Станари од зградата на булевар Јане Сандански 70/1 се жалат дека со години се задушуваат со испарувања, смрдеа и гасови од месарницата „Миамес – Бејби Биф“, во која освен што се продава месо, се пече и скара. Како што велат, месарницата нема вентилација, ниту оџак и целата смрдеа оди во заедничките простории и се шири низ нивните станови. Преку Управителот реагирале во Општина Аеродром, но тврдат дека оттаму нема одговор и кога лично доаѓаат да се пожалат никој не ги прима на разговор.
Но, од Општина Аеродром тврдат дека е направена инспекциска контрола и веќе се води постапка за овој објект.
На ден 26.05.2025 година направен е инспекциски надзор во правниот субјект и отпочната е инспекциска постапка односно констатирано е дека правниот субјект е потребно да ја смени постоечката вентилација поради која се шири непријатна миризба. Со оглед на тоа, задолжени се од овластен инспектор за животна средина да постават нова вентилација со која нема да има деградација на животната средина и на човековата околина – велат од Аеродром.
Оттаму објаснуваат дека во периодот што следи и откако ќе се постави новата вентилација ќе се направи контролен инспекциски надзор со цел да се констатира новата состојба.
На истиот булевар, во друг објект, станари подолг период се обидуваат да ја изборат „битката“ со ќебапчилница која со својата дејност им го нарушува секојдневното функционирање. Тие до нашата редакција испратија мноштво документи за нивните поднесени пријави до повеќе надлежни институции. За својот проблем пријавиле и во Град Скопје и во Општина Аеродром, потоа во Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен пазарен инспекторат, како и во Дирекција за заштита и спасување, но досега од надлежните институции ништо не е преземено.
Жителите две години, како што велат, живеат во страв дека зградата ќе се запали поради несоодветно изградена вентилација на ќебапчилницата која се наоѓа во нивната зграда и се плашат дека зградата ќе настрада поради користење на плински боци за подготовка на храна.Зградата нема систем за вентилација и лошо изведениот вентилациски отвор е причина и за ширење на неподнослива миризба и чад во становите, која го оневозможува нормалното живеење и користење на сопствените посебни единици на станарите, за кои проветрувањето на воздухот или пиењето кафе на тераса е незамисливо, а дел трпат и економски последици бидејќи ниту еден потстанар не се задржува во станот. Не ни е јасно како инсекторот за животна средина во Општината и градоначалникот дал дозвола за отварање на кебапчилница во зграда, а при тоа да нема оџак – велат во нивниот допис станарите на Јане Сандански број 9/2.
Дополнително, како што објаснуваат ќебапчилницата нелегално поставила урбана опрема без дозвола од Град Скопје, врз пешачка патека која припаѓа на зградата без одобрение од мнозинството станари. За нелегално поставената опрема, Комуналната инспекција на Град Скопје донела решение за отстранување, но градежниот инспектор на Општина Аеродром не го реализира решението. И Државнииот пазарен инспекторат, како што тврдат станарите, иако констатирал нелегално поставена урбана опрема, не го применил член 60 од Законот за угостителство по кој треба да го затвори на 30 дена угостителскиот објект
На прашањето до Општина Аеродром зошто не е одстранета нелегално поставената урбана опрема пред кебапчилница иако добиле барање од Државниот иснпекторат за градежништво и урбанизам согласно Член 135 од Законот за градење тоа да го направат уште на 8 април годинава и барање градската Комунална инспекција уште минатата година, оттаму велат дека постапката е запрена.
На ден 11.04.2024 година направен е вонреден инспекциски надзор кај правниот субјект и со записник за констатација е запрена постапката бидејќи е утврдено дека нема отстапување од одобрението за урбана опрема издадено од Град Скопје, како и од заверениот елаборат. По повторна пријава на 01.10.2024 година, повторно е направен инспекциски надзор и по приложената документација од страна на правниот субјект констатирано е дека нема одобрение за урбана опрема односно по решението за одбивање издадено од Град Скопје има поднесено тужба до управен суд. Постапката овластен градежен инспектор ја прекина додека не се реши претходно прашање, односно додека не се добие пресуда од управен суд – објаснуваат од Аеродром.Ова значи дека граѓаните многу тешко можат да се изборат за своите права, особено со угостителите сместени во нивните згради. И тоа не е случај само во Аеродром, туку и насекаде низ Скопје.