-Задоволство беше, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон да бидам дел од церемонијата за отворање на Декадата за криосферските науки кои ги проучуваат глечерите и сите површини каде водата е во тврда состојба, како и да присуствувам на презентацијата на препораките од специјалните настани на третата Конференција на ОН за океанот, објави на Фејсбук претседателката Сиљановска-Давкова.
Ккако што посочи таа, целта е да се нагласи важноста на меѓународната научна соработка, како и да се поттикнат напорите за одржлив развој како одговор на алармантното влијание на климатските промени врз глечерите, ледените плочи и вечниот мраз, односно негативните ефекти кои со тоа се предизвикуваат.
-Драго ми е што можев кратко да поразговарам со претседателот Макрон, кој е домаќин на конференцијата, напиша во објавата на својот фејсбук профил Сиљановска-Давкова.
Претседателката, како што претходно соопшти нејзиниот Кабинет, ќе се обрати во рамките на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3), за поддршка на спроведувањето на целта 14 за: Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој.На посебна церемонија, Сиљановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година.