Следуваат избори во кои убедливо ќе победиме заедно и ќе испратиме порака времето на Македонија доаѓа, изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на говорот во Велес по повод годишнината на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
-Го слушам лидерот на опозицијата вели дека СДСМ ги градела темелите на Македонија. Која Македонија Венко? Кои темели ги градевте? Онаа држава на која и го сменивте името? Онаа држава на која и го сменивте знамето, уставот…. или ја уценивте со бугарски диктат, за кој сега велите дека единственото решение е да прифатиме се што бараат Бугарите. И самите тие знаат дека проблемот не е смена на уставот, туку промена на идентитет.Јасно е како бел ден, тоа се гледа на отворена сцена, тоа секој ден го повторуваат бугарските политичари, и сите тоа го слушаме и знаеме само нашата опозиција тоа не го гледа. Уплашени се да не помине резолуцијата за македонскиот јазик, повеќе него бугарската влада. Затоа што 7 години не помрднаа со прст да ја раскажат вистината за уцените и блокадите и сопките на источниот сосед – рече Мицкоски.
Во однос на барањето на ДУИ за предвремени избори, тој рече:„Не сум сигурен дали ги сакаат, или толку им се брза да продолжат да бидат во опозиција. Сакам да порачам дека наредните два изборни циклуси локалните избори кои следат, и парламентарните избори, кога и да се одржат, ќе биде борба за две големи работи од кои зависи иднината на државата.Првата е правдата и борбата против системот кој ги штити криминалците, втората борбата за реформи и декласирање и превоспитување на ДУИ. И како што ветив дека ДУИ ќе оди во опозиција и тоа беше моето прво исполнето ветување на оваа гарнитура така сега ви кажувам во оваа држава мора да има ред и да се почитуваат законите“.