„И покрај забележителните планини, езера и историски знаменитости, Македонија е пријатно ненаметлива и во голема мера не е погодена од масовниот туризам“, пишува National Geographic, наведувајќи го Охрид како една од најголемите атракции во земјата, благодарение на старите цркви, прошетките покрај езерото и возењата со брод.
Според текстот, вистинското откритие за патниците се руралните предели — особено националните паркови Маврово и Пелистер — каде може да се ужива во „опуштени возења со запирање кај селски таверни и тезги покрај пат со домашни производи“.
Посебно внимание е посветено на македонската кујна, која според магазинот е „позначајно разновидна од повеќето други кујни во западен Балкан и помалку воздржана кон зачинетото“. „Ајварот е типичен пример – овој вкусен намаз од црвени пиперки и модар патлиџан може да биде прилично лут и често се наоѓа на менито во локалните ресторани.“Меѓу традиционалните јадења се издвојува и тавче гравче, кое магазинот го опишува како „веганско национално јадење“. Покрај тоа, на пазарите можат да се најдат „планински билки, локални медови и тврди сирења со изразен вкус“ кои се дел од утринските оброци во селските гостилници.
National Geographic препорачува да се пробаат и локалните пијалаци: „Мастика“ (ликер со арома на смола од дрво) и вина од Тиквешката котлина, направени од автохтони сорти како „Смедеревка“, „Вранец“ и „Темјаника“.Како заклучок, магазинот ги повикува читателите да се откажат од пренатрупаните плажи и да се свртат кон автентичноста на Балканот во внатрешноста, каде, како што пишуваат, „сè уште може да се пристапи до вистинска дивина“.