Хуманитарната фондација за Газа (ГХФ) соопшти дека денес дистрибуирала уште 17.000 пакети со храна на три локации во Рафах и централна Газа, еден ден откако соопшти дека била принудена да ги прекине операциите поради закани од оперативци на палестинската милитантна организација Хамас кон нејзините вработени. ГХФ, исто така, соопшти дека доставиле 11 камиони со помош до лидерите на заедницата за дистрибуција во северна Рафах, како дел од пилот-програма во која залихите ќе бидат доставени директно до жителите на Газа, наместо тие да бидат принудени да пешачат на долги растојанија и да ги преминуваат линиите на Израелските одбранбени сили (ИДФ) за да добијат помош, објави „Тајмс оф Израел“.
„Ќе ги разгледаме операциите и ќе утврдиме дали ова е одржлива опција во иднина“, се вели во соопштението.
ГХФ соопшти дека денес успешно доставиле илјадници пакети со храна низ Газа „без инциденти“, и покрај тврдењата дека израелската војска пукала во близина на хуманитарните локации и експлицитните закани од Хамас кон неговите вработени.
„ГХФ активно го тестира и прилагодува својот модел на дистрибуција за безбедно да ја достави максималната количина на помош до најголем број луѓе. Остануваме флексибилни и ќе продолжиме да ја прилагодуваме дистрибуцијата врз основа на условите на терен, вклучувајќи го пристапот до патот, притисокот од толпата и безбедносните аспекти“, се вели во соопштението.
Се додава дека Фондацијата планира да отвори дополнителни локации за дистрибуција на помош во северна Газа.
„Неодамна отворивме лента само за жени и деца за да се осигураме дека ќе добијат помош, а денес воведовме пилот-проект за испорака директно до заедницата“, рече привремениот извршен директор на ГХФ, Џон Акри.

Тој им изјави на новинарите дека камионите на организацијата доставуваат храна до жителите пред три центри за помош, „за да се намали притисокот врз главните центри“.Акри рече дека пакетите со помош се „дистрибуираат директно до луѓето“ наместо до магацините, за да се избегне пристап до нив од страна на оперативците на Хамас.