Американскиот претседател Доналд Трамп денеска најави дека во претседателското одморалиште Кемп Дејвид ќе има средби со припадници на американската војска и други претставници на американската администрација, со кои очекувано ќе разговара за случувањата во Лос Анџелес, каде се испратени припадници на Националната гарда на Калифорнија, по судирот меѓу имигрантите и службениците на одделот за имиграција.
„Одиме во Кемп Дејвид. Имаме состаноци со различни луѓе на многу важни теми. Мислевме дека ќе го направиме тоа во Кемп Дејвид бидејќи таму веројатно има подобра безбедност од каде било. Ќе се сретнеме со многу луѓе, вклучително и генерали, како што знаете, и адмирали“, им рече Трамп на новинарите, кој беше придружуван од државниот секретар Марк Рубио, пренесува Си-ен-ен. Официјален претставник на Белата куќа потврди дека на Трамп во Кемп Дејвид ќе му се придружат американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и секретарот за одбрана Пит Хегсет.
Запрашан дали е подготвен да се повика на Законот за востание од 1807 година, кој им дава на претседателите овластување да распоредат американски војници во земјата, Трамп им рече на новинарите во Њу Џерси дека „зависи од тоа дали има бунт или не“. Запрашан дали се случува бунт во Лос Анџелес, Трамп одговори не. „Не, но вие имате насилни луѓе и нема да дозволиме да се извлечат со тоа“, рече Трамп. Тој додаде дека администрацијата „многу внимателно“ ќе ги следи антиимиграциските протести во другите градови, јави Танјуг.