Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска ќе престојува во работна посета на Астана. Посетата се реализира на покана на заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Република Казахстан, Мурат Нуртлеу. Како што информираат од Министерството за надворешни работи, во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе се сретне со министерот за надворешни работи Нуртлеу, со министерот за трговија и интеграција на Казахстан, Арман Шакалиев, како и со гувернерот на Меѓународниот финансиски центар на Астана, Ренат Бектуров.
На средбата со министерот Нуртлеу ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка во политичката и економската сфера. Притоа, ќе биде потпишана и Програма за соработка меѓу Министерството за надворешни работи на Македонија и Министерството за надворешни работи на Казахстан за периодот 2025–2027 година. Во економскиот сегмент, фокусот ќе биде ставен на можностите за продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, условите за инвестирање во Македонија и потенцијалите за соработка во областа на туризмот.