По барање на пратеничката група на Левица денешната 54. собраниска седница е одложено за еден час. Пратеникот на Левица, Борислав Крмов побара пауза од еден час бидејќи, како што рече, сè уште не добиле одговор на доставеното барање на пратеничката Јована Мојсоска во јануари во кое се бараат податоците за исплатените патни трошоци и кирии за 2024 за сите пратеници.
– Ние и денеска принципиелно ќе бараме пауза од еден час по член 87 став 2 сè додека обврската на генералната секретарка која седи позади мене не биде остварена кон нашиот пратеник Јована Мојсоска, т.е целосно да ги даде податоците од патните трошоци кои веќе подолго време се кријат во Собрание – рече Крмов. Претседателот на Собранието, Африм Гаши на 49. собраниска седница му одговори на пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, потенцирајќи му дека во законскиот рок пратеничката добила одговор, но потоа побарала подетални информации за кои како што рече спикерот, ќе им бидат доставени побараните информации откако ќе бидат изработени.
-Ќе добиете еден час пауза, но само да ви кажам дека сум известен јас како претседател и генералната секретарка и работиме на случајот. Знаете дека во законскиот рок ви беше одговорено. Вие баравте подетални информации. Информациите се изработуваат и ќе ви бидат доставени. Нема никаков проблем. Никој од ништо не бега, ниту се плаши, ниту се крие. Ќе ги добиете. Не разбирам зошто барате пауза, кога сакаме да работиме. Но, го почитувам вашето барање и ќе ви дадеме еден час пауза – рече тогаш Гаши. Собранието денеска во рамки на 54. седница треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство. На седницата, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.