Обвинителството денеска ги даде завршните зборови за грозоморните убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, за кои обвинети се Љупчо Палевски – Палчо, Влатко Кешишев, Боре Видевски, Велибор Манев и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.Обвинителката Жаклина Крстевска – Јосифовска истакна дека се работи за убиство на дете и на пензионер на свиреп и монструозен начин, со што обвинетите заслужуваат не само правна, туку и длабока морална осуда. Таа рече дека делото е напад врз човечноста и врз општеството, уништувајќи ја вербата во добрината и правдата.
Според обвинението, обвинетите сковале план за грабнување на лице што живее само. Го избрале Панче Жежовски од Велес бидејќи неговиот „цитроен“ имал голем гепек, а тие планирале да му го одземат. На 22 ноември 2023 година, околу 11 часот, го грабнале и убиле. Два дена подоцна, на 24 ноември, се обиделе, но не успеале да ја грабнат Вања Ѓорчевска. Обидот го повториле на 27 ноември, по добиена информација од нејзиниот татко дека тој ден ќе оди сама на училиште. Таа била киднапирана и убиена во период од 8.30 до 9.30 часот.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, остана во обвинението како соучесник. Тој според обвинителката им ги дал на обвинетите информациите за движењето на Вања и, според обвинителката, неговото однесување било сомнително. По исчезнувањето на Вања, не прашал ништо за другата ќерка, Миња, туку веднаш тргнал сам да ја бара Вања по патеката што ја користеле киднаперите. Вечерта пред убиството ѝ пратил порака да се облече слоевито „како за планинарење“, иако училиштето ѝ било само на 7 минути од дома. Во разговори со сведоци од МВР постојано повторувал: „Киднапирана е и убиена, џабе ја бараме“.
Јосифовска истакна дека по убиството на Панче, ниту еден од обвинетите не покажал каење или реакција, туку веднаш продолжиле кон реализација на планот за грабнување и убиство на девојчето, кое не им сторило ништо.Палевски, според обвинителството, побегнал во Белград од страв да не биде фатен, иако немал закажано никаков медицински преглед. Јосифовска нагласи дека врз обвинетите не е вршено никакво насилство и дека вина има и Александар Ѓорчевски.
Обвинителството смета дека сите дејствија се докажани и бара соодветна казна за сите обвинети.
извор скопје1