Македонскиот театарски фестивал ,,Војдан Чернодрински” го отвори своето 59-то издание во Центарот за култура ,,Марко Цепенков” во Прилеп.
Годинава наградата за животно дело, која фестивалот ја доделува на афирмирани првенци на театарот, замина во рацете на Гоце Тодоровски, Снежана Коневски – Руси и Соња Михајлова.За Гоце Тодоровски ова е втора значајна награда во рок од две години. Кон крајот на 2023 година тој беше одликуван за исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност, а орденот за заслуги му го врачи тогашниот претседател Стево Пендаровски.
Тогаш за „Фокус“ тој изјави дека наградата му е како круна за се што направил во животот, за над 45 години минати на сцената.
Сега пак, за наградата за животно дело, Тодоровски и се заблагодари на публиката и порача дека благодарение на неа, на публиката, тој е она што е денес.
– И благодарам на публиката за она кое сум денес. Без вас, јас не би бил апсолутно ништо. Сцената е мојот втор дом, истакна Тодоровски.
И Коневски – Руси и Михајлова се заблагодарија за наградите, но и за сите аплаузи на сцената.
Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е конституиран 1965 година на иницијатива на Здружението на драмските уметници од Република Македонија. Фестивалот го носи името на основоположникот на македонската драма – Војдан Чернодрински, драмски автор, актер и режисер. Традиционално секоја година се одржува во градот Прилеп во почетокот на месец јуни. Годинава ќе трае до 13-ти јуни.