23-годишна жителка на Богданци преку социјална мрежа убедила гостиварка да ѝ уплати пари, лажејќи ја дека се за изнајмување апартман во Грција, соопшти МВР. На овој начин, младата измамничка од Богданци, која се гони и за измами со издавање станови, успеала да извлече 17.500 денари од жената од Гостивар.
„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.Ј.(23) од Богданци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 19.08.2024, преку социјална мрежа, пријавената контактирала со 42-годишна жена од Гостивар и лажно се претставила како агент за издавање на апартмани за летување во Република Грција, при што ѝ побарала износ од 17.250 денари за седум ноќевања, кои оштетената ѝ ги уплатила на сметка без договор за закуп, а летувањето не го реализирала“, пишува во полицискиот билтен.