Ирската авиокомпанија „Рајанер“ објави дека патниците кои ќе бидат отстранети од авионите поради нивното однесување ќе бидат казнети со најмалку 600 евра. Како што наведуваат од оваа најголема европска авиокомпанија, ова ќе бидат минимални казни, а патниците кои ќе бидат отстранети од летовите поради „неприфатливо однесување“ исто така ќе бидат обврзани да платат надомест. Како што наведува компанијата, која превезла повеќе од 200 милиони патници во периодот 2024–2025 година, ваквите инциденти се изолирани случаи што им се случуваат на сите авиокомпании и се предизвикани од мал број нељубезни патници.
Патниците кои предизвикуваат проблеми може да бидат казнети со поголеми суми пари, или да бидат гонети, па дури и осудени на затвор, според „Гардијан“. Како што објави Управата за цивилно воздухопловство, на таквите патници може да им се наплати и трошокот за пренасочување на авионот, кој лесно може да надмине износ од 11.791 евра. Оние кои се обвинети дека биле под дејство на алкохол во авионот можат да добијат максимална парична казна од 5.895 евра и до две години затвор, додека патниците кои ќе направат сериозен прекршок и ќе ја загрозат безбедноста на авионот можат да бидат осудени на затворска казна до пет години. Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, претходно се залагаше за ограничување од два пијалоци по патник на аеродромите за да се намали порастот на несоодветно однесување во авионите.