Обвинителите денеска ќе соопштат дали истрагата утврдила вина кај сите 47 осомничени лица против кои се собираа докази за трагедијата во „Пулс“ каде имаше 62 жртви. Завршени се вештачењата, анализите на одземените уреди, испитувањата на сведоци и оштетени. На прес-конференција каде ќе бидат сите кои постапувале, Обвинителството најави споделување на сите детали по однос на поднесеното обвинение. Со ова, топката се префрла во судот, кој ќе треба да го оцени обвинението и да започнат судењата.
Извесно е дека обвинение нема да се поднесе против лицата кои се на болничко лекување, а тоа е Владимир Блажев-Панчо. Управителот на фирмата која управувала со дискотеката, Александар Карадаковски, од осомничен стана оштетен, бидејќи почина додека беше на болничко лекување.
На листата на осомничени се поранешниот и неформалниот сопственик на „Пулс“, сопственикот на објектот кој го издал на користење, реалниот сопственик на фирмата за обезбедување, лица вработени како обезбедувачи, инспектори од различни ресори, четворица поранешни министри за економија, тројца поранешни државни секретари, двајца поранешни директори на ДПИ, тројцата поранешни градоначалници на Кочани, директорите на Дирекцијата за заштита и спасување.
Во засебна истрага, опфатени се и 14 полициски службеници кои низ годините дозволиле преку документација да се овозможи работа на дискотеката. За нив нема јавнообвинителска одлука и не се знае дали се собрани доволно докази. Истовремено, од вчера статус на осомничени добија уште 13 лица кои имале раководни функции во СВР Штип и ОВР Кочани изминатата година.Деталите за обвиненијата ќе бидат соопштени денеска во 12 часот.
Извор: Скопје 1