Вицепремиерот Изет Меџити на денешната прес-конференција информираше дека како Влада имаат конкретен резултат во борба против криминалната индустрија на коцкањето и игрите на среќа. Со овие интернет страници за онлајн коцкање, кои според него на нелегален начин нуделе услуги за игри на среќа во државата, и претходните 53 страници блокирани минатиот месец, бројката изнесува вкупно 226.
– Замислете за помалку од два месеци затворивме 226 страници за нелегалното онлајн коцкање и оваа бројка не е конечна. Само замислете за еден миг колку длабоко и колку далеку има навлезено мафијата на коцкањето во постоењето во нашите животи и каква штета има предизвикано кај поединци и семејства погодени од оваа епидемија. 226 не е само бројка. Oва е директен удар во една криминална мрежа која со години беше планирана и заштитена од структури поврзани со претходната власт. За жал, една политичка партија која денес се претставува како чувар на правата и достоинствениот живот на Албанците, беше главен спонзор на коцкањето и вклучувајќи се директно во оваа индустрија – рече Меџити.
Тој ги повика граѓани, а особено младите да не бидат жртви на измамнички мејлови и да не ги прифаќаат нелегалните платформи. Ако имаат депонирани средства на тие страници, порача да ги повлечат што е можно поскоро, а вели дека државата дејствува па тие платформи нема да постојат повеќе.