На конференцијата за печат по повод обвинението за пожарот во Кочани, државниот јавен обвинител кажа дека се обвинети 34 физички лица, додека за 11 постапката е запрена, а за уште две прекината. Од 11-те за кои е запрена, додаде, двајца се поранешни министри за економија. Но, не ги кажа нивните имиња Меѓу оние за кои постапката е запрена се и двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, дознава „360 степени“
Крешник Бектеши и Ваљон Сараќини се двајцата поранешните министри за економија кои се меѓу обвинетите во предметот за пожарот во Кочани. Двајцата поранешни министри за економија кои, барем засега, нема да одговараат за овој случај се Беким Незири и Дритон Кучи, дознава „360 степени“ од упатени извори Дека двајца поранешни министри за економија не се меѓу обвинетите кажа и државниот јавен обвинител на денешната конференција за печат. Не им ги кажа имињата, само причините зошто за нив е запрена постапката.
Кои се останатите девет?Шефот на обвинителството, Љупчо Коцевски, кажа и дека покрај двајцата поранешни министри, постапката се запира за уште девет други лица. Не кажа кои се ниту по име, ниту по функција. Само објасни дека запирање на постапка значи дека таа може повторно да продолжи, ако за такво нешто се соберат соодветни докази.
„360 степени“ дознава дека меѓу нив се и двајцата поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска и Горан Трајковски. Всушност, до таков заклучок може да се дојде ако внимателно се погледно обраќањето на јавниот обвинител во делот на одговорноста на ДПИ во врска со пожарот во кој животот го загубија 62 лица.
Во однос на Државниот пазарен инспекторат и претходно појаснивме дека доказите упатуваа на поинакво ниво на одговорност кое во основа паѓа на инспекторите директно надлежни за контрола и самостојни во планирањето и извршувањето на надзорите. Затоа со обвинението се опфатени четири службени лица – инспектори од Одделението за инспекциски надзор – Штип со градовите Кочани, Свети Николе, Делчево, Берово и Виница, кажа обвинителот Коцевски во своето обраќање.Со тоа, барем во моментов, непознати остануваат имињата на седум лица за кои е запрена постапката