Претседателката Гордана Сиљановска Давкова пред почетокот на Меѓународната книжевна манифестација „Празник на липите“, денеска изјави дека иако е правило да има средба претседател-претседател, за неа не претставува проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков во насока на деблокирање на нашите евроинтеграции на претстојниот Самит на НАТО во Хаг со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев го откажа неговото присуство.
-Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме јас не знам, јас ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем меѓутоа, не зависи од мене туку зависи од нашите соседи. Се разбира ние сме толку блиску што би можеле и да разговараме и во близина некаде, но предлогот дојде од господинот Антонио и тој сега кога бев јас во Ница ме информира дека нема да дојде господинот Радев на Самитот на НАТО, туку ќе дојде Жељазков – вели Сиљановска Давкова. Во однос на тоа дали е потврдена евентуалната средба со Жељазков, претседателката посочи дека средбата е предложена од претседателот на Европскиот совет, од каде треба да дојде и потврдата.
-Не сме предложиле на господинот Жељазков за да биде потврдено туку тоа, ако е предложено од европска страна, односно од претседателот на Европскиот совет, оттаму треба да дојде. Инаку јас сум спремна за разговор со господинот Радев. Неколку пати се имаме видено, тој ги знае моите, односно нашите национални ставови, ги знае и господинот Антонио, ги знаат и останатите. Јас секогаш велам дека може да дојде време да дојде до израз европската креативност, која неколкупати сме ја виделе, еве и во овој случај заради доброто на регионот и заради можеби најважниот процес во моментов европски – процесот на проширување- рече Сиљановска Давкова. Премиерот Христијан Мицкоски вчера информира дека нема да присустува на престојниот Самит на НАТО во Хаг, и дека таму ќе замине претседателката Гордана Сиљановска Давкова. По најавите од бугарска страна дека наместо нивниот претседател Радев ќе присустува премиерот Жељазков, тој нагласи дека доколку има каква било иницијатива за средба меѓу македонската претседателка и бугарскиот премиер, тоа треба да се прифати.