Пуштен е во употреба реконструираниот пат Охрид – Св. Наум во должина од 24,4 километри. Инвестицијата во износ од 11,7 милиони евра е на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Целосно е саниран коловозот, поставена е нова сигнализација, безбедносна ограда и проширувања. Направени се и заштитни интервенции на ризичните косини на патот широк шест метри.

– Во моментов паралелно се градат неколку клучни патни правци, автопатот Кичево – Охрид силно се забрзува, делниците Тетово Гостивар и Гостивар – Букојчани се активни, а се работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани – Кичево. Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во западна Македонија и тука не застануваме. Нашата стратегија е јасна. Инфраструктурата не е трошок, таа е инвестиција во иднината на државата, ги отвора вратите за туризам, за економија, регионално поврзување, за работни места – рече Мицкоски.
Патот Охрид – Свети Наум, за вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, е витален за целото крајбрежје и туризмот. Тој забележа дека одредени делници не биле чепнати од неговата изградба.
– Особено ми е драго што се направи еден модерен пат и полесно и побрзо ќе можат преку целата година да стигаат луѓето кои што живеат на овој дел од езерото, но исто така и туристите полесно да комуницираат. Пред нас имаме уште големи проекти. Ова е Влада која што е само 11 месеци, Влада која што се соочи со огромни проблеми. Седум години имаше пустош во Македонија, инфраструктурните проекти беа целосно застанати, како што беше и овој – рече Николоски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски рече дека патот е завршен во предвидениот рок и оти денес имаме побезбеден, попрегледен и рехабилитиран пат. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков изрази задоволство за реализацијата на капиталниот проект реконструкција, проширување и уредување на делницата Охрид – Свети Наум со кој, според него, е решен еден од најгорливите инфраструктурни проблеми.