Обвинителството поднесе обвинение против 34 физички и 3 правни лица за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде загинаа 62 лица а околу 200 беа повредени на 16 март годинава.

За 11 лица е запрена постапката и поради немање докази за нив нема обвинение. Меѓу нив е поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и двајца поранешни министри за економија Дритон Кучи и Беким Незири. За членот на ДНК Владимир Блажев-Панчо постапката е прекината додека е на лекување, а запрена е постапката и за Александар Карадаковски управител на фирмата кој почина на лекување во Литванија.
Во клубот со години, уште од 2012 се функционирало без минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, вршени биле реконструкции и пренамени без елаборати меѓу кои и тој за заштита од пожари. Газдата на фирмата што управувала со „Пулс“ ја реновирал дискотеката во повеќе наврати, обложувајќи ја со пур-пена што лесно вивнува во пламен, имало само 1 излез за евакуација, немало соодветен број паркинг-места а не биле испочитувани ни стандардите за заштита од пожари и експлозии и противпожарна опрема и противпожарни апарати.

Обвинет е и братот на првообвинетиот, како одговорно лице за продажба на влезници и контролирање на бројот на посетители и нивната возраст, бидејќи континуирано продавал поголем број влезници и ја преполнувал дискотеката. Според обвинението тој пропуштал и малолетници иако бил свесен дека објектот не исполнува никакви безбедносни услови за заштита од пожари и знаел за незаконските дејствија на реконструкција со пренамена со кои биле прекршени прописите и техничките правила за заштита.

Обвинети се и тројца градежни инспектори од Кочани што не постапувале по службена должност воопшто и никогаш во „Пулс“ не контролирале со што овозможиле незаконито да продолжи да врши дејност „кабаре“. Тројца градоначалници на Кочани од 2012 до 2025 се обвинети зашто знаеле дека „Пулс“ е безбедносно опасен објект, а според деталниот урбанистички план не се наоѓа на локација каде што смее да има кабаре, но замижувале пред тие сознанија. Обвинети се дека со своето непостапување му овозможиле на сопственикот и на правното лице незаконски да вршат угостителска дејност. Никогаш на газдата на објектот не му испратиле градежен инспектор, иако знаеле дека објектот е место каде што се собираат поголем број посетители и постоела опасност по нивните животи и здравје. За постоењето и работењето „Пулс“ градоначалниците никогаш не ги известиле Дирекцијата заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија дека објектот работи без да ги исполнува законските услови за таа намена.

Обвинение има и за управителот на агенијата за обезбедување „Рубикон“ и четворица обезбедувачи од кои едниот немал ни лиценца да врши физичко обезбедување. Против реалниот сопственик Александар Нацев се води истрага. Обвинети се зашто во „Пулс“ обезбедувале без писмен договор, без безбедносна проценка и проверка на сигурносните услови на објектот, опасност и можност за евакуација во случај на опасност, проверка на влезови и излези и нивна исправност, како и преполнетост на капацитет на посетители на објектот.
Сите овие услови наложувале агенцијата задолжително да изготви План за обезбедување при одржување на јавен ред на настан од забавен карактер со присуство на поголем број на посетители и да ангажира повеќе работници на обезбедување, а таков план не бил изготвен и доставен на одобрување до надлежен орган на подрачјето каде се одржува настанот. На критичниот ден не контролирале и овозможиле влез и присуство на малолетни лица во објектот по полноќ, а исто така не го спречиле внесот и користењето на експлозивни материи- пиротехнички средства од страна на членови на музичката група ДНК со кои бил предизвикан пожарот, соопшто ОЈО.

Четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот од 2012 до 16.03.2025 година, како и едно службено лице генерален инспектор кој за целиот тој временски период бил раководител на инспекциската служба во ДЗС, заеднички со особен придонес во извршување на делото, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување и не преземале мерки и активности за заштита на животите и имотот на луѓето од пожари, предвидени во чл.68 од Закон за заштита и спасување.
Во однос на Државниот пазарен инспекторат со обвинението се опфатени четири службени лица – инспектори од Одделението за инспекциски надзор – Штип со градовите Кочани, Свети Николе, Делчево, Берово и Виница. Тие воопшто не постапиле според прописите и техничките правила за мерките за заштита пропишани со Законот за инспекциски надзор, Законот за организација и работа на органите на државната управа, Законот за државен пазарен инспекторат, како и Законот за угостителската дејност, како и Правилникот за минимално – техничките услови за вршење на угостителската дејност, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, но се согласиле со нејзиното настапување.
Сите овие дејствија, и на извршување и на свесно пропуштање на правна обврска се нераскинливи и се надоврзувале едно на друго директно кон последицата, и свесното игнорирање на безбедносните процедури од многу поединци и институции придонеле за исклучително тешките последици и неможноста да се спречи трагедијата и на време да се спасат 62 млади животи. Секоја од овие алки имала моќ и законски надлежности да ја спречи трагедијата или да го намали потенцијалот на истата во однос на загубата на животи, но никој тоа не го направил.
Како резултат на севкупноста на пропустите на сите обвинети, на критичната вечер, на устно договорен настап без формално потпишан договор со музичката група ДНК, заради сценските ефекти при настапот била договорена и употреба на пиротехнички средства. Во клубот се пропуштале посетители помеѓу кои и деца со што бил надминат дозволениот број посетители.
Јавните обвинители го утврдија потеклото, начинот на внес, поставување и активирање на три пиросценски уреди (пиротехнички фонтани) на три базни уреди со телескопска антена кои се активирале истовремено. Експлозивната материја била набавена без одобрение за набавка предвидено во чл.15 ст.2 од Законот за промет на експлозивни материи и спротивно на чл.36 ст.2 и чл.40 од Законот за заштита од експлозивни материи. За употребата на пиротехниката, покрај дел од членовите и придружбата на ДНК, од кои еден дел се починати, а за еден постапката е прекината поради неговата се уште лоша здравствена состојба, одговорност е лоцирана и кај првообвинетиот сопственик, неговиот син – управител на фирмата и кај четворица членови на обезбедувањето на клубот.
Бидејќи единствената последица која ги врзува сите овие кривично-правни дејствија е катастрофалниот пожар, во кој животите ги загубија 62 лица, меѓу кои и шест деца, на сите обвинети им се ставаат на товар – Тешки дела против општата сигурност од чл.292 ст.2 в.в. со чл.288 ст.3 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик.
Дополнително, двајцата првообвинети, татко и син ќе одговараат и за – Тешки дела против општата сигурност. Само поранешната државна секретарка во Министерството за економија е обвинета за – Тешки дела против општата сигурност од чл.292 ст.4 в.в чл.288 ст.4 в.в ст.3 и в.в ст.2 од Кривичниот законик. Обвинетиот државен службеник од Министерството за економија кај кого беа откриени и дејствија на поткуп, ќе одговара и за едно кривично дело – Примање поткуп од чл. 357 ст.1, едно кривично дело – Примање поткуп од чл.357 ст.4 в.в. со ст.1 и едно кривично дело – Фалсификување службена исправа од чл. 361 ст.1 од Кривичниот законик. За обвинетите правни лица поднесено е обвинение за кривично дело – Предизвикување општа опасност од чл.288 ст.5 в.в ст.3 в.в ст.2 од Кривичниот законик.