Со денешната прес-конференција, Јавното обвинителство уште еднаш потврди дека постои сериозен обид да се минимизира и релативизира одговорноста на носителите на актуелни функции и институции поврзани со трагедијата во Кочани.Наместо да се лоцира институционалната одговорност и да се повикаат на одговорност директорите на Државниот пазарен инспекторат, УЈП и други релевантни органи кои имаа обврска да постапуваат, фокусот се префрла на индивидуални случаи и на маргинални групи, избегнувајќи ја суштината – зошто и како фирма увезувала и со месеци продавала опасна пиротехника без дозвола, и кој тоа го дозволил.
Дополнително, наместо да се отворат посебни истраги за секој аспект од случајот – за незаконскиот увоз, за институционалниот надзор, за реакцијата на полицијата и за конкретните пропусти на диското, Обвинителството сѐ спакува во еден предмет, со што ризикува да се развлекува постапката со години, па дури и децении. Со ваков пристап, правдата станува недостижна – а тоа е неприфатливо.
Сериозно прашање е и одлуката приведените полицајци и полициски функционери, кои биле одговорни кобната вечер, да се пуштат на слобода со мерки за претпазливост. Особено загрижува фактот дека двајца од нив биле пресретнати на пат кон граница со Бугарија, што отвора сомнеж за можно бегство и криење на вината.
СДСМ уште еднаш потенцира – без целосна и непристрасна истрага, без одговорност за институциите и носителите на функции кои затаиле, нема да има вистинска правда за жртвите и нивните семејства.Граѓаните гледаат. И со право очекуваат правда.