Ова доаѓа откако претходно Иран изврши одмазднички напад врз Тел Авив и други израелски градови, а Израел одговори со жесток напад со авиони врз Техеран и повеќе други цели во Иран.
Израелската армија околу полноќ по средноевропско време објави дека идентификувала нов бран ракети истрелани од Иран кон израелска територија. На граѓаните им било наредено веднаш да се засолнат, а сирените за воздушна опасност ечеа низ целата земја, вклучително и во главниот град, Тел Авив, кој беше цел и во првиот бран ирански одмазднички напади вечерва, при што според израелските медиуми, еден човек загинал, а повредени се 63-ца.
Според последните информации, во вториот бран целта бил центарот на Тел Авив, каде паднале и експлодирале седум или осум балистички ракети, при што е погоден и облакодер од 50 ката.
Активирани се противвоздушните системи за пресретнување на заканите од воздух, а армијата повикува на максимална претпазливост.
Откако израелската армија вчераутро изврши напади врз неколку ирански градови, а Техеран возврати, жителите на градот Ашкелон почнале да ги празнат рафтовите во продавниците во паника, плашејќи се ескалација на војната и можната иранска одмазда, објавија локални медиуми.Граѓаните се туркале во супермаркетите, обидувајќи се да стигнат до залихи од храна и средства за основните потреби. Вакви сцени дента и вечерва се забележани и во други израелски градови, пренесоа светските агенции.