Во првите пет месеци годинава Управата за јавни приходи (УЈП) заплени движни предмети од 80 должници и хипотеки на недвижен имот од 48 должници, информираше директорката на УЈП, Елена Петрова, преку објава на „Линкдин“. Од почетокот на 2025 година до крајот на мај, покрај ‘блокирање’ на трансакциски сметки во банките, преземени се и следните мерки: заложни права на движни предмети кај 80 должници, хипотеки на недвижен имот кај 48 должници, пет електронски аукции и комерцијални продажби на запленет движен имот и недвижности, како и заплени и продажби на хартии од вредност кај двајца должници“, информираше Петрова.
Од запленетите движни предмети во периодот од јануари до мај годинава УЈП одзеде 80 патнички моторни возила, 31 товарно возило, четири трактори, еден мопед, 31 машина, како и 100 апарати за игри на среќа. Во делот на хипотеки на недвижен имот, УЈП делуваше кај 48 должници и тоа за вкупно 40 станбени објекти, 23 деловни простории, една куќа, 21 парцела, но и други недвижности. Директорката на УЈП вели дека ваквите мерки покажуваат дека неплаќањето на данок не останува без последици и упати апел до должниците да ги регулираат неплатените обврски и да избегнат “забрани” и дополнителни трошоци.