Секој зелен простор и секое дрво во Скопје, кој важи за многу загаден град особено во зимските месеци, е вистинско богатство, па зголемувањето на зелените површини треба да е приоритет на локалните и државни власти што се грижат за здравјето на своите граѓани. Но, скопјани се сведоци дека тоа не е баш така и дека многу почесто низ главниот град никнуваат згради наместо паркови. Притоа граѓаните досега немаа целосен увид со колку точно зеленило располага Скопје и дали надлежните знаат колку дрвја има по улиците и паркчињата и во каква состојба се.
Во изминатиот период тоа стана достапно за просторот на општина Центар, затоа што преку општинскиот ГИС-портал граѓаните во секое време имаат пристап до Зелениот регистар, во кој буквално можат да ги „пребројат“ дрвјата во нивната општина. Регистарот е јавно достапен на секој граѓанин и не е потребна никаква регистрација за пребарување. Досега во него се обработени и евидентирани околу 10 илјади дрвја и со „кликнување“ на некое од дрвјата граѓаните можат да ги прочитаат основните податоци, како што се вид, големина и во каква состојба се наоѓа, но и слика од секое дрво. Од регистрираните дрвја околу 8.000 се листопадни, најмногу од видот липа, јавор, костен и јасен, а остатокот се зимзелени.
Секое дрво е важно. Создаваме општина во која секој граѓанин има пристап до податоци за состојбата на зеленилото. Воведуваме поголема контрола и транспарентност во урбаното планирање. Зелениот катастар ни овозможува реална слика за тоа што го имаме и што ни недостига. Тоа е суштинска алатка за долгорочна заштита на зеленилото – вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Регистарот постепено ќе се надоградува и во него ќе се внесат и дрвјата што досега не биле опфатени. Од Општината објаснуваат дека иако немаат надлежност над зеленилото, тоа е обврска на „Паркови и зеленило“, сепак идејата е граѓаните да имаат редовен увид во состојбата со дрвјата. Според нив, во системот ќе бидат внесувани и информации за исечени дрвја, а ќе бидат евидентирани и новозасадените.
Општинските служби работеле на терен на подготовка на регистарот околу година и пол, а во утврдување на состојбата на дрвјата, помош добиле од професори од Шумарскиот факултет.На прашањето дали граѓаните можат да оставаат забелешки на ГИС-порталот, во врска со исечено или оштетено дрво, од Општината велат дека центарци се многу одговорни, па и досега штом забележат исечено дрво, го фотографираат и веднаш се јавуваат кај градоначалник или во општина

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ велат дека конечно е реализирана една нивна подолготрајна заложба, но и законска обврска од страна на Општината.
Катастарот е заедничка шанса да се увиди состојбата со зеленилото и да се преземат мерки за негово одржување, обновување и проширување. Сѐ уште има технички проблеми и недостатоци за кои ќе им укажеме на службите, но сепак е почеток. Следен чекор треба да биде и Стратегија за зеленилото, конкретен план со мерки и повеќе пари и стручни луѓе за одржување на зеленилото – велат од „Шанса за Центар“.
Во 2018 година во Законот за урбано зеленило правно се регулираше извршување попис на урбаното зеленило во државата, а оваа активност стана задолжителна за сите општини.Кон крајот на минатата година Општина Карпош распиша јавен повик за изработка на Зелен катастар, со цел да се направи попис на дрвја и грмушки во урбаните делови на Карпош и да се придонесе кон заштита и зголемување на отпорноста кон климатските промени и еколошките предизвици.
Јавната набавка предвидува попис на кој вклучува геореференцирање и одредување на карактеристиките на дрвјата и на грмушките (вид, висина, здравствена состојба и др.) од јавните зелени површини во Општина Карпош. Овие податоци се неопходни за поефикасно управување со зеленилото и ќе послужат како основа за анализа на урбаната отпорност – објаснија тогаш од Карпош, посочувајќи дека собраните податоци ќе бидат интегрирани во Зелениот катастар на Град Скопје.
Минатиот месец, пак, Државниот завод за ревизија објавени ревизија на успешност „Урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“, во која наведе дека Зелен катастар во форма на ГИС-портал имаат само три општини, Град Скопје, Кавадарци и Охрид, а само Скопје и Охрид имаат донесено стратегии за развој на зеленилото. Ваквата состојба според ДЗР, покажува дека на локално ниво нема долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило.