Музичарот и композитор Кирил Џајковски освен што е еден од најценетите електронски артисти од регионот, тој е и автор на филмска и театарска музика. Негова музика употребена во култни домашни и меѓународни филмови, како „Големата вода“ – добитник на награда за најдобра филмска музика во Валенсија, „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, „Бал-кан-кан“, „Piargy“– добитник на награда за најдобра филмска музика во Букурешт, „Трето полувреме“ и многу други ќе биде изведена во живо со придружба на голем оркестар и врвни солисти. Околу подготовките за концертот направивме разговор со Кирил Џајковски.
Каков уметнички и организациски предизвик е филмската музика да се изведе со голем оркестар на сцена?
– Мојата филмска музика во процесот на нејзиното создавање и снимање е веќе изведена од голем оркестар, но ова ќе биде за првпат таа да се изведе на сцена. Идејата за овој концерт кај мене започна со огромна желба филмската музика во еден ваков формат да ја претставам пред публиката. Прво дојде желбата, а потоа дојдоа предизвиците. Секако дека во организациска смисла е предизвик кога треба да се реализира еден голем проект, особено кога е приватна продукција, но огромниот интерес од публиката ми даде ветар в грб и ете полека веќе сме при крајот со подготовките и на посетителите може да им ветиме незаборавно аудиовизуелно доживување.
Во однос на уметничкиот и креативниот дел, имав можност да соработувам со исклучителни професионалци што ми го направија овој процес полесен. Концертот се реализира под диригентската палка на Џијан Емин, кој е мој долгогодишен соработник, а и исклучително талентиран музичар, диригент, оркестратор со кој имавме многу креативен процес на подготовка. Со мене на сцената ќе биде и извонредниот Владимир Крстев, со кој исто така многу години соработуваме, а како солисти се појавуваат и Игор Иванов, Ратко Даутовски, Андреј Трајковски и Антоние Весковски. Концерт мајстор е Јане Бакевски.
Музиката што ќе биде изведена на концертот е користена во повеќе филмови на различни режисери. На кој начин функционира креацијата кога се создаваат теми за филмски проекти?
– Филмската музика за разлика од авторските проекти е под големо влијание од сликата, сценариото, приказната на филмот, визијата на режисерот. Не знам дали се работи за среќа, но јас сум соработувал со многу талентирани и успешни режисери со кои имаме јака креативна „хемија“ и со кои процесот е продуктивен и инспиративен.
Во оперативна смисла, процесот најчесто започнува со читање сценарио, на некои филмови дел од темите се подготвуваат однапред (пред снимање) и потоа се користат и во самото снимање, а остатокот се работи во процесот на постпродукција, каде што постои интензивна соработка со режисерот на филмот што подразбира да ја усогласиме визијата и да се подготви музика што ќе го поддржи и ќе го надополни филмот.
Колку во изведбата на темите на концертот ќе учествуваат музичари што биле со тебе во моментите на нејзиното првично создавање?
– На дел од филмовите, особено во снимањето на музиката во студио веќе сум соработувал со Џијан Емин. Имам потполна доверба во него и со задоволство соработуваме. Мислам дека таа долгогодишна соработка ја направи подготовката на овој концерт уште поголемо уживање. Евоциравме спомени од пред 20 години од некои од филмовите на кои тогаш сме соработувале и навистина е интересно од оваа временска дистанца да видиме како се развивале филмските теми на кои сме работеле. Особено сум горд што дел од нив живеат и надвор од филмовите, дел сум ги изведувал и во своите електронски настапи и сум добил позитивен фидбек од публиката.
Освен Џијан, тука е и Владимир Крстев, кој поради својот исклучителен талент е мој избор за виолина во сите изминати години работа. Со Влатко многу добро се познаваме и заедно сме настапувале толку многу пати што се разбираме само со поглед. Со другите музичари соработувам по првпат, но веќе сме длабоко навлезени во процесот на проби и подготовки за концертот и морам да го изразам моето задоволство од нивната подготвеност, талент и професионалност.
Како ја направи селекцијата на темите што ќе бидат изведени на концертот, имајќи предвид дека станува збор за еден вид ретроспектива на 25-годишно творештво од областа на филмската музика?
– Се одлучив за листа на филмски теми што се најекспонирани и сигурно и публиката ќе очекува да ги изведеме. Гледав да бидат застапени од поголем број филмови, но не е можно во една вечер сите да се изведат. Овој концерт претставува своевиден 25-годишен јубилеј на мојата работа на филмска музика и целиот концерт го подготвувам како за своја душа.Концертот се распродаде многу брзо, за неколку денови, и стига и до мене реакцијата од дел од публиката дека не била во можност да набави билет, но ветувам дека ќе дадам сѐ од себе овој проект повторно да биде изведуван како во Скопје, така и низ другите градови. Од регионот веќе постои интерес за проектот, така што се надевам дека концертот ќе има свој пат што ќе ме изненади и мене.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 285, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.6.2025)