Според него, Брисел ја задржува навиката да застанува на страната на земјите членки дури и кога нивните позиции се спротивни на духот на европските критериуми. Во вакви околности, интересот за вистинско решавање на билатералните недоразбирања, особено во односот меѓу Бугарија и Македонија, речиси и да не постои.
„За разлика од ЕУ, американскиот ангажман на Балканот останува фокусиран пред сè на безбедносната стабилност, а не на историски или идентитетски прашања. Тоа е и причината зошто Вашингтон, за разлика од Брисел, покажува поголем прагматизам кон Скопје,“ додава Стефановски.
Стефановски во разговорот се осврна и за протестите во САД и што тие носат во насока на угледот на претседателот на САД Доналд Трамп пред предстојниот самит на НАТО во Хаг.
– Надворешната политика на САД не ја води само претседателот Трамп. Во нејзиното компонирање е вклучен и Стејт департментот, државниот секретар Марко Рубио и останата композиција која има стратешки пристап. Трамп е можеби човекот кој го прави притисокот и човекот кој тој вербален наратив цврсто го применува во преговорите за надворешната политика. Сепак и Трамп, но и некои од неговите претходници избрзувале, па можеби и правеле грешки во нивните политики но никогаш на Америка не и се нарушил угледот кој таа го ужива како светски стабилократ и светска демократија – оценува Стефановски.
Целиот разговор со воено-политички експерт, Милан Стефановски, можете да го погледнете вечер во 19.00 часот на каналот на Јутјуб и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски.