Родителите, роднините, пријателите на загинатите деца, како и нивните поддржувачи за да се изборат за правда, излегоа на уште еден марш во Кочани, а по трагедијата каде загинаа 62 лица. Упатија јавен апел од Обвинителството, да ги викне и да им објасни кои лица се обвинети, а за кои е запрена постапката. Сметаат дека за тоа треба да дознаат директно од обвинителите, а не од медиумите.
„Ние не сме правници, соопштението ни е дадено по членови и закони… и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен градоначалниците и обезбедувачите, не сфатиле. Сега ќе читам, оти во понеделник ова барање ќе го испратиме до Обвинителството“, рече мајката Марија Петрушева чиј син Андреј Панов загина и додаде: „Чувствуваме морална и човечка должност да се обратиме. Сметаме дека е од суштинско значење Обвинителството конечно и целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка и со содржината на поднесениот обвинителен акт, кои лица се опфатени, а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас. Неприфатливо е за нас да добиеме информации преку медиуми. Очекуваме транспарентност и директна комуникација“.Таа рече дека ги загрижува фактот што и покрај укажувањата, некои лица не биле повикани ни на распит.
„Нашата болка е тешка, но борбата е праведна. Бараме одговорност и вистина“, додаде таа (skopje1)