На туѓо име правел бесплатен ПАП тест.Во сведоштво за Топ Тема на Телма анонимна пациентка укажува како доктор ја злоупоптребил скрининг програмата за рана детекција на рак на грлото на матката. Обелодени дека матичниот гинеколог на друга жена и го направил бесплатниот пап тест што нејзе и следува. Тој во снимката што беше пуштена во емисијата во која гостин беше директорот на фондот Сашо Клековски, објаснува дека тоа го сторил за да ги исполни наложените цели за да земе пари од фондот и да не се соочи со казна. Нема објаснување зошто нејзе не ја повикал на превентивен преглед.
Сведочењето на пациентката во вчерашната топ тема предизвика бура од реакции особено на социјалните мрежи. Од загрижени граѓани кои се прашуваат што се има во нивните здравствени картони и дали можеби има туѓи дијагнози на нивно име до пораки од лекари кои уверуваат дека нивниот колега морал така да постапи.
„Мене пред два дена ми стаса покана од мојот матичен за да направам бесплатен ПАП тест. Кај истиот матичен сум од моите 18 години и прв пат ми стаса такво нешто. Изгледа се работи за „исполнување на цели“ за да си наплати“,вели граѓанка.„Јас никогаш не сум добила покана за никаков скрининг, за никаков преглед и тест. Слушам другите мои пријателки добиваат“, вели граѓанка.„Во една поликлиника во мој картон кај матичен лекар и кај матичен гинеколог си допишуваа прегледи на кои не сум била, за да наплатуваат од ФЗОМ. Па така ми ставиле дека сум била за инфекција на уво, за контрола на гинеколог.. Којзнае уште што ми допишале, не вршев истрага до крај“, вели граѓанка.
Од лекарската комора иако како што велат не се во надлежност ваквите случаи, сепак подолг период алармирале за ревидирање на целите за да може подобро да одговорат на потребите на пациентите.„Лекарската комора секогаш инсистира на професионално и стручно работење на лекарите кое ќе биде во согласност со позитивните правни прописи во нашата земја. Секое друго однесување е неприфатливо, треба да биде индивидуално утврдено и соодветно санкционирано“, велат од Лекарската комора.
Пред околу една година министерството за здравство донесе одлука матичните гинеколози да не прават бесплатен ПАП-тест за жените секоја година, туку на секои три години. Претходно и КОД истражуваше и откри дека се злоупотребувале лични податоци и преку Мој термин. Во име на еден човек се прегледува друг..а туѓите резултати и туѓата дијагноза стојат на пациентот кој не се прегледал. Тогаш Скопјанка во сведоштво за код раскажуваше како се шокирала кога на преглед на Клиниката за гастроентерохепатологија и кажале дека резултатите и биле подобри од вчерашните, но не можела да го убеди докторот дека резултати од претходниот ден нема и дека таа прв пат дошла на преглед. Веднаш по емисијата Агенцијата за заштита на личните податоци започна со вонредна супервизија во Клиниката и констатираше дека податоците биле злоупотребени.