„Заедно со центарци ќе ја креираме програмата за идната година. Кога граѓаните се вклучени, тогаш и општината е потранспарентна и поефикасна. Први во државата подготвивме Граѓански буџет кадешто со жителите на Центар го носиме буџетот, истото ќе го направиме и за новата програма”. Ова го истакна денеска градоначалникот Горан Герасимовски на средба со центарци на Средно Водно во рамки на караванот „Се гледаме во маало”.
Центарци имаа можност да ги споделат своите идеи, приоритети и конкретни предлози, а со тоа директно да влијаат врз идниот развој на општината.
На средбата се отвори прашањето за спортот и активниот живот, како важен сегмент од секојдневието во Центар.„Во изминатите години, инвестиравме во спортот, реконструиравме спортски сали во основните училишта, се обновија маалски игралишта и терени, со цел да создадеме здраво и активно опкружување за младите. Оваа есен ја пуштаме во употреба и реконструираната спортска салата Работнички која е симбол и гордост на Центар”, потенцираше Герасимовски.