Оваа несразмерност укажува на итна потреба да им се помогне на родителите и старателите, особено на татковците, со вештини и поддршка за вклучување во раниот детски развој преку игра.„Програмите за родители кои промовираат учење преку игра и позитивно родителство не се само корисни – тие се суштински за спречување штетни практики. Ова е особено важно за Северна Македонија, каде што 73 отсто од децата на возраст од 1 до 14 години се изложени на физичко казнување и психолошка агресија од страна на родителите и старателите“, велат од УНИЦЕФ.
Повеќе од половина од децата не одат во градинка
Дополнителен недостаток, како што посочуваат од УНИЦЕФ, е ограничениот пристап до организирано учење преку игра – помалку од половина од децата на возраст од 3 до 5 години посетуваат предучилишнo образование. Проширувањето на пристапот до предучилишно образование е клучно, а инвестирањето во квалитетни родителски програми го зајакнува раното учење преку поддршка на игривите интеракции дома.
Од УНИЦЕФ посочуваат дека родителството во кое свесно се користи играта за поврзување, учење и развој на детето не е само семејна работа, тоа е општествена инвестиција. Според нив, треба да се овозможи пристап до предучилишно образование и учење преку игра за секое дете од 3 до 5 години, така што ниту едно дете нема да биде лишено од еднакви можности за ран детски развој.
Исто така треба да се промовираат политики и стратегии што се ориентирани кон семејствата: платено родителско отсуство; поддршка за доење; детски додатоци; квалитетни, достапни и прифатливи услуги за деца како што се градинки; и ментална поддршка – за секоја мајка и татко да имаат време, можности и соодветна помош за да обезбедат нега и грижа што ќе го поттикне напредокот и успехот на децата.
Од најраните денови во животот, детскиот развој започнува токму преку игра. Кај бебињата и малите деца, игривите интеракции го поттикнуваат развојот на мозокот и помагаат во градење сигурни емоционални врски. Кај децата од предучилишна возраст, играта нуди можност да ги истражат своите способности, да ја негуваат љубопитноста, да градат самодоверба и да постават темели за доживотно учење. „За ранливите деца, играта е од суштинска важност за да почувствуваат вклученост и да ги изразат тешките емоции, а со тоа да отворат пат кон поврзување и исцелување. А, кога родителите влегуваат во интеракција со децата преку игра, го јакнат своето ментално здравје и ја зајакнуваат врската родител-дете. Но, и покрај придобивките од играта во детскиот развој, учењето преку игра недоволно се цени“, велат од УНИЦЕФ.Извор: DW