Во разговор за „Слободен печат“, ветеринарката Наташа Бојчева ни објасни како летото влијае врз кучињата и мачките, кои се најчестите грешки што ги прават сопствениците и зошто не треба да го бричиме кучето со првите летни горештини.
Летото носи живост во секојдневието, но како тоа влијае врз милениците?
– Како и кај луѓето, така и кај милениците летото предизвикува низа физиолошки и психолошки промени. Потоплото време, зголеменото количество сончева светлина и раздвиженоста во природата ја активираат хормоналната и енергетската динамика на кучињата и на мачките. Често се забележува поголема енергичност, желба за игра и истражување, особено кај кучињата што добиваат повеќе прошетки.
Кај нестерилизирани животни, ова е и период кога се активираат репродуктивните инстинкти – женките можат да влезат во еструс, а мажјаците да покажат територијално однесување или зголемен интерес за другите животни. Затоа е важно сопствениците да внимаваат при прошетки, да користат поводник и да бидат подготвени на неочекувани реакции.

Со повеќе активности на отворено, дали треба да се приспособи исхраната?
– Да, активноста бара енергија. Ако вашето куче или мачка поминува значително повеќе време надвор, особено со трчање и играње, тогаш е логично да му се приспособи дневниот внес на храна. Тоа не значи дека треба автоматски да се зголеми количината, туку да се внимава на квалитетот – да се избере храна со повисок процент на протеини и масти, со додатоци како омега-3 и омега-6 масни киселини за поддршка на кожата и на крзното.
Кај мачките кои излегуваат надвор, пожелно е да се додаваат и средства против топчиња од влакна („hairball control“), бидејќи почесто се лижат поради повеќе контакти со надворешна нечистотија.Секогаш се препорачува водата да биде достапна 24/7, особено во потоплите денови кога ризикот од дехидрација се зголемува.
Кои се најчестите паразити во лето и како да ги заштитиме милениците?
– Летото е период на „будење“ и за надворешните паразити:
- Крлежи – главни преносители на сериозни болести како бабезиоза, ерлихиоза, анаплазмоза и Лајмска болест.
- Болви – предизвикуваат алергиски дерматитис и се носители на тенија.
- Комарци – пренесуваат срцева глиста (Dirofilaria), која е многу опасна и тешко се лекува и лајшманиоза што знае да биде смртоносна.
Најдобра превенција се редовните третмани со антипаразитски средства. На пазарот има ампули (капки на врат), таблети (орален внес) и каивчиња што делуваат репелентно со месеци. Секој производ има различен спектар на дејство и времетраење, па изборот треба да се направи во консултација со ветеринар.По секоја прошетка, особено ако сте биле во природа, прегледајте го телото на миленикот – особено ушите, вратот, препоните и под пазувите.

Шишање на крзното – помага или штети?
– Многу сопственици мислат дека ќе им олеснат на милениците во топлите денови со тоа што ќе им го скратат или избричат крзното. Но, ова може да биде погрешен потег. Кај раси со двојно крзно, како хаски, лабрадори или германски овчари, влакната служат како природен термоизолатор. Тие не само што ја одбиваат жештината, туку и го штитат телото од УВ-зраци. Со шишање на крзното, се нарушува оваа рамнотежа и може да дојде до оштетување на кожата, изгореници, па дури и нарушување на повторниот раст на влакното.Ако миленикот има долго или густо влакно, најдобро е да се практикува редовно четкање со цел отстранување на мртвите влакна и подобрување на циркулацијата на воздухот до кожата.
Дали милениците имаат алергии и како да ги препознаеме?
– Да и тоа не е реткост. Во лето, алергиите кај животните најчесто се предизвикани од полен, трева, прашина, инсекти или хемикалии (прскани површини).
Најчести симптоми:
- Интензивно чешање и лижење, особено на шепите
- Црвенило или воспаление на кожата
- Солзење на очите или кивање
- Често чешање на ушите и појава на отитис
Третманот вклучува антихистаминици, медицински шампони, хипоалергена исхрана или имунотерапија, во зависност од тежината на состојбата. Најважно е сопствениците да не применуваат човечки лекови без совет од ветеринар.

Како правилно да се одржува хигиената во лето?
– Во овој период, милениците често влегуваат дома со кал, полен или инсекти на себе. Миењето треба да се прави со благи ветеринарни шампони, отприлика еднаш месечно или по потреба – на пример, ако кучето влезе во баричка или извалкана вода. Прекумерното бањање може да ја отстрани природната заштитна маст од кожата и да доведе до сушење или иритации.
Секојдневното четкање е одлична практика – отстранува мртви влакна, подобрува циркулација и е добра прилика за проверка на кожата за паразити, ранички или грутки.Шепите треба редовно да се мијат со млака вода и да се бришат, бидејќи можат да се акумулираат соли, полени или хемикалии.
Што треба да носи сопственикот на прошетка во лето?
– Покрај поводникот и ќесите за измет, еве што е корисно да се има:
- Пренослива чинија и вода, особено на потопли денови
- Средство против крлежи и болви (ако не е ставено веќе, или за проверка)
- Мала крпа или влажни марамчиња за чистење шепи
- Мал комплет за прва помош (антисептик, газа, пинцета за крлеж)
- Награди-грицки или мала играчка за награда или одвлекување внимание