Шест лица се уапсени за безобѕирно управување со возило за време на викендот, потврди МВР. Возачите биле фатени под дејство на алкохол или со екстремно пречекорена брзина, при што некои предизвикале и сообраќајни несреќи. Во Прилеп, на улицата „Пеце Котески“, бил уапсен возач на „Ивеко“ од Скопје со неверојатни 1.90 промили алкохол во крвта. Во Штип, друг возач бил фатен со 1.52 промили, а во Кичево, лице управувало „Мицубиши“ со 1.72 промили алкохол, по што било приведено.
Во Тетово, 58-годишен жител на село Жилче излетал од коловозот со „Ланчија“, а алкотестот покажал 2.24 промили алкохол – една од највисоките вредности забележани викендов. Во Гевгелија, 30-годишен маж со 2.01 промили предизвикал сообраќајна несреќа и оштетил две паркирани возила. На автопатот Скопје–Тетово, пак, возач од Куманово бил фатен како вози со 175 км/ч на дел со ограничување од 80. Сите шест возачи се лишени од слобода и против нив ќе следуваат кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.