Доколку сакате да спроведете некоја реформа, да разбиете некоја вкоренета заблуда и слично, ќе мора да се соочите со гневот на тие во чии интереси и привилегии ќе чепнете. Доволна причина за омраза спрема вас. Трајко Славески
Се рекло дека доколку сте активно вклучени во јавниот живот, а уште повеќе, се занимавате и со политика (за таа да не се занимава со вас), не можете да очекувате сите да ве сакаат. Многумина од најразлични причини ќе ве мразат. Доколку претендирате сите да ве сакаат, треба да продавате квалитетен сладолед по многу ниска цена.И доколку сакате да спроведете некоја реформа, да разбиете некоја вкоренета заблуда и сл., ќе мора да се соочите со гневот на тие во чии интереси и привилегии ќе чепнете. Доволна причина за омраза спрема вас.
Со мојот претходен пост од саботата (14 јуни) наутро укажав на ова. Само личности со доволна храброст, личен интегритет и висок КАПАЦИТЕТ ЗА АПСОРБИРАЊЕ ОМРАЗА можат да спроведат вистински реформи кои на среден и долг рок ќе го подобрат животот на граѓаните. За само триесетина часа по објавата, постот надмина 30.000 (триесет илјади прегледи). Од околу педесетина коментари, триесетина беа со навредлива и вулгарна содржина. Ги разбирам анонимните коментатори, мора да си имаат некаква мака! Очекував многу повеќе негативни коментари. Сигурно ги има, се разлеале низ социјалните мрежи. Но, само триесетина навредливи коментари, полни со омраза?! Ве уверувам дека мојот КАПАЦИТЕТ ЗА АПСОРБИРАЊЕ ОМРАЗА е најмалку стотина пати повисок од тоа. Тоа сум го покажал во многу наврати сум во минатото:
- во првата половина од 90-тите години од минатиот век, на почетоците од болната транзиција, низ бројни настапи по медиумите, електронски и печатени, а и низ научни анализи и трудови, ги разобличив претходниците на СДСМ и нивните олигарси за грабежот што го извршија врз општествениот капитал од поранешниот систем. Силно ме мразеа и упатуваа најразлични закани, по живот и по мојата материјална егзистенција.
- Веднаш по преземањето на раководењето со Министерство за финансии во владата формирана по парламентарните избори во 2006 година, им отидов на банкарите за да им пренесам дека гарантираните чекови циркулираат незаконски и дека таа практика ќе престане.
За само неколку месеци со молскавична брзина се рашири користењето на платежните картички и се осовремени безготовинскиот платен промет. Сигурно ме мразеле, но брзо се приспособија на барањата на новото време.Трговците и други даватели на услуги ми оддаваат признание за храброста во спроведувањето на оваа реформа, свесни за придобивките кои за жал не можеле да ги претпостават на самиот почеток.
Банкарите во догледно време може да очекуваат и други изненадувања, во интерес на корисниците на нивните услуги. – Како Министер за финансии, за само неколку месеци, заедно со мојот тим, ги спроведов неопходните подготовки за воведување на рамниот данок со намалени стапки за оданочување на доходите. Противниците силно ме мразеа.
Уште повеќе ме мразеа кога видоа колку се импотентни и безидејни кога се обидоа да го укинат рамниот данок во 2019 година. Сè уште не можат да се помират со една успешна реформа која ја прифатија не само граѓаните, туку и деловната заедница. – Сигурно некои ме мразеа и во 2007 година, кога јавниот долг се намали на само 23-26% од БДП, што ни создаде простор за многу побезболно да се справиме со финансиската криза наредната 2008 година, која премина во длабока и долготрајна рецесија. – По шестмесечни интензивни подготовки во втората половина од 2008 година, под мое раководство, на почетокот од 2009 година ја спроведовме монументалната реформа за интегрирана наплата на придонесите од социјално осигурување, позната како бруто-плата.
Претходниот месец пред реформата, околу 14% од вработените не беа земале плата за претходниот месец. Веднаш овој процент се спушти на само 1%. Плата мораше да се исплати до 15-ти во месецот, заедно со сите платени придонеси.Имам и други примери што можам да ги споделам за ризикот од спроведување непопуларни потези, кои за не така долго се покажале за исправни и најголемите противници ја прифатиле реалноста. Но, ќе застанам тука. Ве уверувам дека ниту од новата позиција нема да застанам со мерки и реформи во служба на јавниот интерес, за стабилност како основа за растечка економија, во интерес на подобрување на живејачката на нашите граѓани. Можеби кај некои ќе предизвикам омраза, но искуството ме научило дека без висок КАПАЦИТЕТ ЗА АПСОРБИРАЊЕ ОМРАЗА не може да се спроведе ниту една посуштинска реформа. (Авторот е гувернер на Народната банка на РСМ)