Овојпат угинатото животно е мајмунката Жанина, која вработените во ЗОО, како и редовните посетители ја викаа Нина.Таа беше од видот сијаманг, донесена во Скопје од Антверпен, Белгија, во јуни 2016 година.
Родена во 2005 година, починала деновиве на 19 години и седум месеци во скопската Зоолошка, по девет години живот поминат таму. За овој вид на мајмуни, познато е дека животниот век им е околу 40 години.Која е точната причина за смртта на Нина, се уште нема официјална информација, а од Зоолошката соопштија дека точните причини за смртта ќе ги објават откако ќе ги добијат официјалните резултати од обдукцијата направена од стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина.
Од таму, ги демантираа тврдењата на Кирков дека Нина била бремена во моментот на угинување.Вработени во ЗОО Скопје за ,,Фокус” неофицијално откриваат дека мислеле дека мајмунката очекува принова, но на крај се испоставило дека не е така. Се обидовме да стапиме во телефонски контакт и со директорот на градината, Зоран Попов, но тој не одговори на нашите повици и пораки.
Покрај Нина, во Зоолошката има уште еден мајмун од видот сијаманг, мажјакот Марфи, кој и бил партнер.За само две години во Скопје ЗОО угинаа жирафите Каспер и Флопи, слоницата Дуња, лавот Жика, тигрицата Надја, и дури седум берберски овци.За смртта на трите пржевалски коњи во јули 2023 година пак, беше соопштено дека угинале од брзоделувачки разорен отров, но не се дозна кој и зошто ги отрул ретките и заштитени животни кои беа донесени како подарок за Зоолошката од приватна компанија. Од овој вид на диви коњи во светот има само околу 2.000 единки.