Болката од трагедиите не познава граници – Кочани и Гетеборг обединети во солидарноста
Во Домот на културата во Кочани вечерва започна тридневниот настан под мотото „Кочани – град на отпорноста и солидарноста“, кој од 16 до 18 јуни 2025 година носи важна порака – дека трагедиите не познаваат граници, но сочувството и заедништвото можат да изградат мостови што траат.
Настан „Кочани – град на отпорноста и солидарноста“
Во градот пристигна седумчлена делегација од Гетеборг, Шведска, составена од социјални работници, пожарникари и преживеани од пожарот во дискотека што се случи во 1998 година, во кој загинаа 63 млади луѓе. Иако нивната приказна се случила пред 27 години и илјадници километри подалеку, болката и загубата носат ист јазик, ист отпечаток.
„Иако нивната приказна е илјадници километри оддалечена од нашата, таа сепак исто боли, исто пече. Можеби затоа што нашата сè уште е свежа, а нивната е помината низ времето. Но тие се денеска тука со нас – за да се поврземе на едно човечко ниво,“ беше истакнато на отворањето на настанот.
Настанот започна со лични сведоштва на гостите од Шведска, кои раскажаа за првите моменти од трагедијата, за реакциите на службите и општеството, и за долгиот пат на заздравување што следел.
Говорници на настанот „Кочани – град на отпорноста и солидарноста“
Еден од пожарникарите од Гетеборг сведочеше:
„Ние бевме, она што вие сте денес. Ние бевме тие што се разделивме – секој на своја страна, како што работевме и дотогаш – но моравме да дејствуваме најбезбедно што можевме. Почнавме да вадиме луѓе преку прозорците. Не знаевме кој е жив, а кој мртов.“
Дополнително, на настанот сведочеа и луѓе од Кочани – млади и возрасни кои лично ја почувствуваа трагедијата. Нивните зборови беа полни со емоции, сочувство и болка, но и со порив за заздравување.Претставничка од Црвениот крст – Кочани се осврна на моментите веднаш по трагедијата, нагласувајќи ја моќта на заедничкото делување:
„Се мобилизираа сите – матични лекари, волонтери, граѓани, дури и луѓе од приватниот сектор. Без прашања, без двоумење – сите дојдоа да помогнат. Тие моменти на солидарност и неспоредлива човечност треба да ги чуваме, затоа што токму тоа нè држи заедно.“
Присутни беа и дел од родителите на загинати во трагедијата во Кочани
Од страна на Комората на психолози, беше нагласено колкава е важноста на психосоцијалната поддршка по трагични настани. Во првите денови по трагедијата, психолозите беа секојдневно присутни низ училиштата и заедницата.
„Многу работевме и уште ќе работиме. Ќе организираме вакви настани уште повеќе – за сплотеност во заедницата. Веруваме дека само преку заедништво, хуманост и кохезија ќе можеме да го надминеме овој период на тага и болка. Не можам ни да верувам како успеавме – 30 до 40 психолози секој ден работеа по сите училишта,“ рече една од претставничките од Комората на психолози.
Делегацијата од Гетеборг ја сочинуваат социјалните работнички Елеонор Артфорс и Хел Кунас, преживеаните Параш Лама и Розбе Асланијан, Бенгт Холм и Пер-Андерс Линдфелд – шведски пожарникари и Ларс Лилед – координатор од Центарот за поддршка.
Венко Крстевски – градоначалник на Кочани
Тие ќе учествуваат и во активностите што следуваат во текот на утрешниот и задутрешниот ден – вклучувајќи средби со локални семејства, институции и работилници за заедничко учење и поддршка.