Американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да му понуди на Иран, како што ја нарече, „последна шанса“ за нуклеарен договор, објави израелскиот весник „Џерусалим пост“, повикувајќи се на неименувани американски и европски извори. Според нив, новата понуда би можела да биде дури поповолна од претходната, но ќе ја задржи основната американска црвена линија: целосна забрана за збогатување ураниум.
Во позадина, се водат тивки дипломатски маневри. Оман и Катар, како и Саудиска Арабија преку одделен канал, се обидуваат да посредуваат помеѓу Вашингтон и Техеран со цел да се прекине израелската воена кампања и да се вратат преговорите за иранската нуклеарна програма, наведува весникот.
„Изгледа дека Иран не победува во оваа војна. Треба да разговараат пред да биде предоцна,“ изјави Трамп денеска во Канада, потврдувајќи дека Иран упатил дипломатски сигнал кон САД.
Американски носач на авиони во регионот
Истовремено со дипломатските напори, Вашингтон продолжува со воена мобилизација. Во регионот пристигнува носачот на авиони УСС Нимиц, заедно со најмалку 30 авиони за полнење гориво – сигнал дека САД ја држат отворена и опцијата за директна интервенција, доколку преговорите не успеат.
Сепак, во американската администрација постојат поделби. CENTCOM (Централната команда на американската војска) го поддржува сојузништвото со Израел, но дел од високите функционери, како и влијателни конгресмени блиски до Трамп, се противат на ново американско воено вклучување на Блискиот Исток.
Нетанјаху отфрла примирје: Тоа се лажни преговори
На ваквите дипломатски гестови, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одговори со остро одбивање. Во интервју за Еј-би-си Њуз, тој изјави дека иранските иницијативи за прекин на огнот се „лажни преговори“, додавајќи дека израелската разузнавачка служба има „многу конкретни информации“ за вистинските намери на Техеран.
Израелски воени извори потврдија дека нападите врз цели на иранска територија продолжуваат и дека официјален контакт меѓу двете страни сè уште нема.
Вашингтон под притисок: договор или удар?
Поранешниот висок функционер во Пентагон, Ден Шапиро, проценува дека САД се обидуваат да го искористат моментот: „Трамп сака да го натера Иран да прифати услови кои претходно ги одби, прекин на збогатување ураниум и целосна проверка на нуклеарните капацитети. Сега играат на карта на притисок и заплашување.“Дали Иран ќе ја прифати оваа „последна шанса“ или ќе избере конфронтација останува отворено прашање. Она што е извесно е дека дипломатскиот простор се стеснува, додека тензиите на теренот растат.