Голем број фирми сè уште не добиле решенија за плаќање на комунална такса – фирмарина. Иако Град Скопје уште на средината на март објави дека решенијата за данок на имот за 2025 година се изготвени и дека наскоро ќе бидат доставени на домашните адреси на граѓаните, многумина и по речиси три месеци сè уште не ги добиле овие документи. Дополнително, голем број фирми сè уште не добиле решенија за плаќање на комунална такса – фирмарина, што предизвикува збунетост кај граѓаните и кај деловните субјекти.
– Секоја година навреме добивавме решение за данокот на имот, а оваа година уште го чекам. Не знам ни колку изнесува, ниту кога треба да го платам. Немам пристап до интернет, не сум регистрирана на тие портали, и искрено, не знам ни како се користат. Ова е непријатна ситуација – вели Вера С. (68) од скопската населба Пролет. И таа не е единствена. Многу граѓани, особено постари лица, пензионери или луѓе кои не се технички обучени, велат дека без хартиени решенија не можат да ја исполнат својата законска обврска. Од Град Скопје преку нивната официјална веб-страница информираа дека решенијата за данокот се достапни онлајн и дека граѓаните можат да ги преземат и да ги платат преку платформата со регистрација и внесување матичен број. Според законот, рокот за издавање на решенијата е најдоцна до 31 март, што значи дека документите се веќе подготвени, но сè уште не се испратени до граѓаните во хартиена форма.
„Данокот за имот за 2025 година може да се подмири најдоцна до 15 ноември. За таа цел, ве охрабруваме да го користите порталот на Град Скопје за навремено извршување на обврските“, информираа пред три месеци градските власти. Сепак, голем дел од скопјани не се чувствуваат вклучени во ваквиот начин на комуникација.
– Не е сè во тоа дали можеш да платиш онлајн, туку дали некој ќе те информира на време. Не добивме никакво известување. А казните, кога ќе дојдат, се реагира веднаш – додава Гоце Д. од Аеродром. Во меѓувреме, Општина Карпош пред неколку дена ги повика жителите кои сè уште не добиле решенија да се обратат до урбаната заедница на која припаѓаат или директно до Одделението за утврдување и наплата на даноци, такси и други надоместоци, на адреса ул. Радика бр. 9. Од таму потсетуваат дека секој граѓанин може лично да побара копија од решението за својот данок, со што ќе го избегне евентуалното доцнење и ќе ги исполни обврските навреме. По реакциите на граѓани од повеќе скопски општини во врска со пресметките за данокот на имот, и од Општина Центар информираат дека на располагање им стои даночната канцеларија, каде граѓаните можат да добијат информации и помош во врска со своите решенија.
– Како и сите други општини што гравитираат на територијата на Град Скопје, и Општина Центар – Скопје има формирано даночна канцеларија, во која за сите прашања од областа на данокот на имот, граѓаните можат да добијат соодветен одговор – велат од Општина Центар за Плусинфо. Од Центар додаваат дека работата на оваа канцеларија се одвива во соработка со Град Скопје, кој како надлежен орган ги носи решенијата за данокот. Од Општина Аеродром за Плусинфо објаснуваат дека надлежна институција за изготвување и испраќање на решенијата е Град Скопје, но сепак на располагање стојат и локалните општински служби кои можат да помогнат.
– Жителите на Општина Аеродром може да се обратат и до нашите локални служби, кои ќе им помогнат со насоки како да ги регулираат своите обврски во врска со данокот на имот – нѐ информираа од Општината. Според нив, граѓаните кои сè уште не го добиле решението можат секој работен ден да се обратат директно во собата број 6, на првиот кат од општинската зграда, во Одделението за даноци, такси и други сопствени приходи.
– Таму може да добијат дупликат од решението, како и сите потребни информации за начинот на уплата. На самото место има ПОС терминал, така што обврската може веднаш да се плати со картичка, со увид во лична карта – велат од Општина Аеродром за Плусинфо. Дополнително, граѓаните може да пристапат и до веб-страницата на Општина Аеродром, во делот „Проекти и документи“ под менито „Буџет“, каде е поставен директен линк до платформата на Град Скопје, преку која може електронски да се изврши уплата на данокот на имот. Од Општина Аеродром додаваат дека ќе продолжат да бидат достапни за сите свои сограѓани во интерес на навремено и ефикасно регулирање на нивните обврски. Граѓаните очекуваат поголема транспарентност од градските власти и поефикасна комуникација, особено кога се работи за масовни обврски како што е данокот на имот. Плусинфо за ова испрати прашања до Град Скопје и до Секторот за даноци и комунални такси. Прашавме зошто доцнат решенијата за кои беше информирано од нивна страна дека се завршени и дека наскоро ќе пристигнат на домашна адреса на корисниците. Но до објавувањето на овој текст не добивме никаков одговор.