Приватната болница „Оне Хоспитал“ – Тетово замина во стечај. Доктори, сестри, инструментарки и други тековно и поранешно вработени во оваа приватна здравствена установа останаа без платите и надоместоците што ги изработиле. Како што е објавено во изданието на „Службен весник“ од 11 јуни 2025, основниот суд во Тетово со решение отвори стечајна постапка над должникот приватна здравствена установа „Оне Хоспитал Тетово“ а за стечаен управник е именуван Драган Филиповски од Гостивар. Дел од неисплатениот медицински персонал вели дека до стечајниот управник ќе ги достават своите побарувања, но загрижени се дали воопшто ќе има од што да ги наплатат одработените часови и платите што болницата не им ги дала со месеци.
Дополнително, велат дека дел од средствата ги добивале во кеш и од тие се „простиле“ бидејќи нема како да се наплатат. Пред 3 месеци петнаесетина вработени во оваа болница се собраа на протест пред болницата која што во тој период имаше лиценца за работа од Министерството за здравство, да алармираат на заспаноста на државните институции кои не постапувале по нивните пријави.
Рекоа дека се работи за илјадници евра, а неплатени им се и ноќни часови.
Стануваше збор за странска инвестиција на која ѝ се сменила сопственичката структура. Медицинскиот кадар тогаш истакна дека е сосема чудно што во случајот се прескокнуваат месеци при плаќањата, односно добиле плати за април и мај, па биле прескокнати неколку месеци, па пак им стигнала плата за ноември.
Се обраќаме до приватната општа болница „Оне Хоспитал“ Тетово, како и до сите надлежни институции во име на сите претходно вработени колеги кои неволно и приморано ја напуштија болницата. Целта на ова обраќање е да се информира јавноста што точно се случува. Со промена на сопственоста и менаџментот на болницата пред речиси 2 години, дојде до несакани однесувања и непочитување кон медицинскиот персонал кој и онака е во недостиг во Македонија. Однесувањето беше најнапред со доцнење на месечните плати и надоместоци, сè до комплетна неисплата, при што вработените останаа без основни средства за живот, без пензинско и здравствено осигурување што си носеше за секое семејство различни непријатни последици – рече тогаш докторката Билјана Божиновска, специјалист радиолог.
Вработените што ја напуштиле болницата зад камерите коментираа дека нивни колеги благодарение на тоа што останале без здравствено осигурување, дури не можеле ни да се лекуваат и членови на нивни семејства што биле осигурани на нивно име починале. Гинекологот доктор Ејуб Ејуб, кој ја напуштил болницата, изјави дека случајот со триесетина вработени е различен – некому му доцнат со три плати, некому со пет, зависно од тоа кој како си дал отказ бидејќи треба да го прехрани семејството.
-Нема плаќања за К-15, ноќен труд, изминат труд, година и половина до две години наназад. Реагиравме до менаџментот. За жал имаше неколку промени по тоа прашање за менаџментот. Секоја промена добивавме различно известување, но никаков соодветен одговор. Нашите пријави до релевантните институции беа без конкретен одговор и време е нешто да се преземе по ова прашање – изјави доктор Ејуб кој сега работи во друга приватна болница во Скопје, зашто не можел да остане во „Оне Хоспитал“ Тетово без редовни приходи за својот труд.
Освен тоа што е чудно непостапувањето на институциите во овој случај, чудно е и што лекарите присутни на протестот, велат дека пари во болницата се слевале, во времето кога имало хируршки интервенции, односно имало и промет и пациенти. Но, каде оделе, не знаат, само знаат дека не примиле плати.
-Тоа не е наше да утврдиме, институциите треба да работат – рече докторот.
Тој додаде дека кога барале да им се исплати К-15 им понудиле да се потпишат на листи и да добијат по 100 денари, што секако одбиле, бидејќи го бараат тоа што им е заслужено.