„Најстрашното нешто што го видовме беа луѓе кои беа подложени на постојано физичко малтретирање – врзани, тепани, има и докази за дрогирање“, изјави за бугарската Нова ТВ, Иван Крастев, заменик-министер за труд и социјална политика.
Во петок, полицијата изврши рација апсејќи пет лица под сомнение за малтретирање на пациенти и уште едно во недела.Тие се обвинети за незаконско затворање и попречување на слободното движење, недавање соодветна помош на лице во опасност, физичко насилство и нанесување телесни повреди, изјави окружната обвинителка Тања Димитрова за новинарите во понеделник.
Единаесет пациенти биле однесени во блиската државна болница, додека преостанатите 64 биле или примени од роднини или сместени во државни установи.Бугарските медиуми објавија дека некои пациенти биле пронајдени со врзани нозе, под дејство на наркотици или заклучени во соби без соодветна хигиена, постелнина или контакт со надворешниот свет.
„Нè затвораат како кучиња. Ни даваат две кришки леб и на оваа жештина не ја отвораат вратата за да влезе воздух, бидејќи се плашат дека ќе избегаме“, изјави 70-годишната пациентка Милка Раева за бугарската телевизија БТВ. Бугарските медиуми објавија дека установата наплаќала 990 лева (580 долари) месечно по соба. Уште еден нелегален дом за стари лица во Говедарци со 23 пациенти беше затворен во понеделник.