Голем број видеа од Техеран кои циркулираат на социјалните мрежи, или се испраќаат директно до роднини во странство, покажуваат километарски колони и сообраќајни метежи на автопатите. Оние кои можат, се обидуваат да го напуштат градот. Пред бензинските пумпи има долги редици, а горивото е при крај.
„Тешко е да се поверува, ние сме среде војна“, велат очевидци. „Не знаеш кога – и уште полошо – каде може да удри следната ракета“.
Израелската армија започна напад врз Иран минатиот петок, 13 јуни, во обид да ја уништи неговата нуклеарна програма. Бомбардирани беа иранските нуклеарни постројки, постројките за производство и одржување на ракети и полињата за нафта и природен гас. Научници за нуклеарна енергија и претставници на Револуционерната гарда исто така беа целно убиени во своите домови. Иран одговори со ракетни напади што погодија неколку израелски градови. До понеделник наутро, бројот на жртви во Израел, според локалните власти, се искачи на најмалку 24. Речиси 600 лица се повредени.
За разлика од израелските градови, во иранската престолнина, која има над 15 милиони жители, нема засолништа од воздушни напади. Многу од целите погодени во Техеран од петокот се наоѓаат во срцето на урбаните средини. На други места во земјата, Иран, исто така, нема засолништа или системи за рано предупредување.
Според портпаролот на иранското Министерство за здравство, Хосеин Керманпур, 224 лица биле убиени во израелските напади до недела попладне (15.06). Над 1.200 други биле повредени и се наоѓаат во универзитетските болници низ целата земја. Повеќе од 90 проценти од нив се цивили. Информациите дадени од страните во конфликтот во моментов не можат да бидат независно потврдени.
Колона од автомобили во три ленти на пат во близина на ТехеранКолона од автомобили во три ленти на пат во близина на Техеран
Сообраќаен метеж и долги колони: Кој може, се обидува да избега од ТехеранФотографија: IRNA
Немоќни и беспомошни цивили
„Иранските цивили се заглавени помеѓу фронтовите“, вели иранско-американската аналитичарка Холи Дагрес. Како виш соработник во Вашингтонскиот институт, таа во неделата за ДВ нагласи дека е важно да се препознае тешката положба на „немоќните, обични Иранци“ – оние „кои немаат сирени за воздушен напад што ќе ги предупредат“
Таа изјави: „Иранците се длабоко потресени и исплашени во моментов. Тие се и лути затоа што се наоѓаат во среде сето ова. 46 години живеат во Исламска Република, која во суштина води војна против сопствениот народ. Оваа ситуација е резултат на одлуките на режимот што луѓето веќе не го сакаат. Но, иако се зголемуваат цивилните жртви, Иранците не сакаат војна или крвопролевање. Тие се целосно немоќни во оваа ситуација“.
Многумина не знаат како да се заштитат себеси или каде да бегаат. Портпаролката на иранската влада, Фатемех Мохаџерани, го советуваше населението на државната телевизија во неделата да побара засолниште во станиците на метрото, џамиите и училиштата, велејќи дека ќе тами ќе има 24-часовен пристап. Оваа изјава предизвика бран на негодување на социјалните медиуми. Многу ирански корисници, од кои некои сѐ уште се активни под нивните вистински имиња, прашаа: „Кои од нашите училишта или џамии некогаш биле изградени како засолништа од ракетни напади?“
„Ова не е војна меѓу иранскиот и израелскиот народ – и мора да заврши што е можно поскоро“, напиша социологот Мердад Дарвишпур за ДВ. Професорот на Универзитетот Мелардален во Шведска исто така нагласи: „Единствениот начин да се спречи понатамошно неконтролирано уништување со оваа војна е сите оние што се посветени на мирот и демократијата да извршат глобален притисок за да ги запрат израелските напади и да го принудат Иран да преговара“.
„Евакуирајте се“
Стравот и беспомошноста на иранското население продолжуваат да растат. Во понеделник наутро, по ноќните ирански напади во кои загинаа повеќе луѓе во Израел, израелскиот министер за одбрана Израел Кац се закани со директна одмазда против иранскиот главен град: „Жителите на Техеран ќе ја платат цената – и тоа наскоро“, напиша Израел Кац. Сепак, неколку часа подоцна, Кац ја релативизираше својата изјава: „Сакам да го разјаснам очигледното: Не постои намера да им се наштети на жителите на Техеран – како што убиствениот диктатор им прави на жителите на Израел“, објасни тој.„Им кажуваме на граѓаните на Техеран: ‘Евакуирајте се!’ И преземаме мерки“, предупреди вчера (16.06) израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Но, каде треба да бегаат луѓето и каде навистина ќе бидат безбедни? За тоа нема информации.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик