Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев денеска се сретна со претседателот на сега веќе непостоечкото здружение „Иван Михајлов“, Љубчо Георгиевски. Како што соопштија од бугарското Министерство за надворешни работи, во фокусот на средбата биле „зголемените напори на бугарската држава за заштита на правата на Бугарите во Северна Македонија“.
„Најважното нешто во целиот период на тешкотии низ кои поминавте беше да знаете дека Бугарија стои зад вас – со целата сила на својата влада, своите институции, своето претставување во Република Северна Македонија. Длабоко не веруваме во мотивите што беа објавени против вас и во предметот на вашиот случај“, му порачал министерот на Георгиевски.
За време на разговорот, министерот изразил и поддршка за Георгиевски, против кого битолскиот суд изрече условна казна од една година. Случајот против него се води во врска со неговите активности како претседател на здружението „Иван Михајлов“.„Политички мотивираните процеси што ги користат државните институции и судовите за репресија на луѓето што се идентификуваат како Бугари и го бранат својот идентитет се апсолутно неприфатливи во земја што тврди дека е европска“, порачал бугарскиот шеф на дипломатијата.
Георгиев, исто така, нагласил дека „правото на самоопределување е фундаментален принцип на Европската Унија и не може да се доведе во прашање“.
Љубчо Георгиевски, пак, ѝ се заблагодарил на бугарската држава за поддршката.„Не ја прифаќам пресудата како срам. Напротив, за мене е чест да бидам суден како Бугарин кој ја брани бугарштината во Македонија. До пред години баравме да го докажеме нашето бугарско потекло, денес имам документ за бугарско потекло и нешто на што моите внуци ќе бидат горди“, рече тој.