Во склоп на објавата се споделува фотографија од претседателката на Државната комисија за спречување корупција Татјана Димитровска и наслов во кој се тврди дека нејзиниот сопруг бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Не е точно дека сопругот на Димитровска бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ.Таа во моментов е осомничена дека како службено лице, претседателка на ДКСК, од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ на друг начин му овозможила да му бидат достапни податоци кои претставуваат службена тајна, соопшти обвинителството.
Димитровска доби мерки за претпазливост, односно таа не оди на работа во Државната комисија за спречување корупција додека трае истрагата, но останува нејзин претседател согласно начелото за презумција на невиност. Таа тврди дека нејзината комуникација била со семеен пријател кој подоцна станал обвинет во „Адитив“ и дека смета дека комуникацијата е пријателска и неповрзана со предметот.Што се однесува на тврдењето предмет на оваа рецензија – не е точно дека сопругот на претседателката на ДКСК Татјана Димитровска бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ. „Вистиномер“ го најде написот чиј наслов се споделува на фотографијата од објавата и тој е од 30 април 2025 година. Линк од истиот може да погледнете овде.
Самиот текст е, всушност, преземен од порталот Призма и адаптиран, но поставен е погрешен наслов кој фактички не кореспондира на фотографијата од Татјана Димитровска и на содржинскиот дел на текстот.Имено, во текстот се тврди дека сопругот на заменик-претседателката на ДКСК Билјана Каракашова Шулев бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ. А не на претседателката Татјана Димитровска чија фотографија исто така се појавува во објавата што ја рецензираме. Тоа произлегува и од парафразите во интервјуто кое таа го дава за „Призма“ од каде пак е преземен текстот на „Инфомакс“, но со неточен наслов.
Пред да биде избрана за член, Каракашова-Шулев шест години работеше во самата комисија, а сега како заменик-претседателка, всушност, и ја води. Таа не е многу позната за пошироката јавност, но во моментот кога нејзиното име се појави како човек што сега ја води институцијата, се појавија и дилемите за тоа дали има конфликт на интереси поради тоа што нејзиниот сопруг Александар бил донатор на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Заменик-претседателката, за БИРН, вели дека ова било споменато и во предметот што ДКСК го работеле за Академијата за судии и јавни обвинители и дека тогаш комисијата се произнела дека нема судир на интереси, а истото, како што вели, го потврдил и Управниот суд, пишува во текстот на „Призма“ кој всушност е интервју со Каракашова Шулев откако Татјана Димитровска стана осомничена за оддавање на тајна.
„Вистиномер“ го пронајде конкретниот донаторски список кој ВМРО-ДПМНЕ го доставил до Државниот завод за ревизија во 2018 година, а каде се споменува како донатор сопругот на Каракашова Шулев. Истиот може да го погледнете на следниот линк.Во насловот неточно се тврди и дека Татјана Димитровска е „обвинета“, но таа е само осомничена, Обвинителството за неа нема покренато обвинение.
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Сопругот на претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, не е донатор на ВМРО-ДПМНЕ. (Vistinomer.mk)