„Согласно последните податоци на Евростат, Македонија денес е претпоследна во Европа по висина на минимална плата, зад нас е само Албанија. Истовремено сме последни по куповна моќ. Ова не се бројки и податоци од некоја црна хроника – ова е нашата реалност со власта на ДПМНЕ. Овие статистики се потврда за реалноста во која платата не им стигнува на граѓаните ниту до 10-ти во месецот. Реалност во која граѓаните мора да кратат и штедат на се додека функционерите на ДПМНЕ се луксузираат, си ги покачуваат платите и продаваат приказни дека сме четврти во Европа“ рече денеска на прес-конференција Симона Цветаноски – член на Извршниот одбор на СДСМ.Според неа, „ова веќе не е само економска криза, ова свесно и намерно понижување на достоинството на секој граѓанин на Македонија“.
„Евростат не лаже. Но Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ лаже – лаже кога вели дека „се грижи“, лаже кога зборува дека сме четврта најјака економија во Европа, лаже кога ве убедува дека добро живеете. Сите економски параметри укажуваат на драматично влошување на квалитетот на животот. Инфлацијата оди нагоре, цените повторно се без контрола, платите стагнираат. Во Македонија моментално добро живеат само функционерите од власта. Дуото Трајко Славески и Христијан Мицкоски ова го прават намерно и осмислено. Целта е јасна, да се држат граѓаните во неизвесност, да се држат платите на минимум додека тие ги спроведуваат своите криминални проекти и задолжувања. Ниту ги интересира состојбата во која живеат луѓето, ниту сакаат да помогнат реално нешто да се смени, ги интересираат само нивните огромни бизнис зделки“ рече Цветаноска.
Таа смета дека „Христијан Мицкоски и Трајко Славески ќе останат запаметени не како реформатори, туку како луѓе што ја згазија економската надеж на оваа земја. Како политичари што ја заборавија работничката рака која го движи оваа држава. Време е за одговорност. Време е за гласна борба за повисоки плати, за фер услови, за економија во функција на граѓаните, не за бизнис партнерите на ВМРО-ДПМНЕ“.