Адвокатот Горан Бошевски, бранител на обвинетиот Велибор Манев, во својот завршен збор за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска побара ослободителна пресуда за неговиот клиент во однос на кривичното дело убиство, а осудителна за делото грабнување. Според адвокатот, не постоел договор за убиства и оттаму нема умисла за извршување таков вид кривични дела.
-Нема претходен договор со другите обвинети за извршување кривично дело убиство, нема умисла за извршување таков вид кривични дела, а инкриминираните дејствија кои ги презел при кривичните дела грабнување немаат елементи да претставуваат особен придонес кон извршувањето на кривичните дела убиство. Во неговите дејствија нема елементи од законското битие за кривичното дело убиство и нема каузалитет помеѓу преземените дејствија, поради што по однос на овие кривични дела предлагам судот да донесе ослободителна пресуда, нагласи тој.
Во однос на правната квалификација, адвокатот истакна дека за да се утврди соизвршителство треба, како што рече, да постои договор со другите лица за извршување на делото. Тој потенцираше дека, во случај на договор, сите одговараат за истите дела, но ако тој изостанува, секој треба да одговара за своите постапки.
Во однос на кривичното дело грабнување, Бошевски побара судот при одмерувањето на казната да изрече две одделни казни и потоа да утврди една, единствена пресуда, која ќе биде прилагодена на личноста на обвинетиот и насочена кон целта на превенцијата — како единствено легитимна цел на кривичната постапка.
Бошевски на почетокот од завршниот збор појасни дека Манев ги познавал останатите обвинети, освен Александар Ѓорчевски, а познаник му бил и убиениот Панче Жежовски, кој, според одбраната, му должел пари.Адвокатот детално го опиша грабнувањето и убиството на Вања и Панче, согласно сведочењето на Манев, и нагласи дека неговиот клиент не учествувал во нивните убиства.
Со завршен збор на денешното рочиште во Основен Кривичен суд Скопје продолжи бранителот на Боре Видевски, адвокатот Бојан Манев. Завршен збор треба да даде и одбраната на останатите обвинети.
На изминатото рочиште Основното јавно обвинителство во завршните зборови побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Во обвинението стои дека Палевски, Видевски, Манев, Кешишов и Ѓорчевски заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес. (Nezavisen.mk)