-Со жалење можам да констатирам дека на угостителите кои работат нерегуларно и незаконски поважен им е личниот профит, отколку безбедноста и здравјето на граѓаните. Загрозени се жителите во тие згради, но и посетителите на нивните објекти. И тоа нема да го толерирам затоа што ова е најтешкиот период во поновата историја на Кочани. Не смееме да замижиме по огромната несреќа и да дозволиме институциите сѐ уште да не функционираат. Поради тоа поднесувам кривична пријава против угостители и се надевам на брза и ефикасна реакција од страна на Обвинителството за да не ни се случи „Пулс 2“, истакна в.д. градоначалникот Крстевски.Нагласи дека е даден налог до општинската инспекторка за животна средина да ги провери сите елаборати на угостителските објекти.
-Ги прашувам надлежните институции, како што е Државниот пазарен инспекторат, дали се прават контроли и зошто се толерира работењето во дивоградби, како Агенцијата за храна и ветеринарство издала ХАСАП дозвола за објекти што подготвуваат храна ако кујните им се дивоградби и имаат броила за струја што се во непосредна близина на фритезите? Како е можно во тие објекти да има легален приклучок на електричната мрежа и да се прават елаборати што не се соодветни со реалната состојба, слично како во „Пулс“, додаде Крстевски.В.д. градоначалникот информираше дека во кривичната пријава се приложени документи како пример од судската практика за слична постапка со која се отстранети објекти во други општини. Во меѓувреме, Општина Кочани почнала постапка за отстранување на угостителски објекти во Трговскиот центар во Кочани кои се бесправно изградени на јавна површина.