Ако се има предвид дека во земјава живеат помалку од 2 милиони жители, тогаш може да се извлече груб заклучок дека една дивоградба во просек му доаѓа на речиси секој четврти граѓанин, односно на секое четиричлено семејство.
Текстот е објавен на 12 јуни 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.549.
„Фокус“ официјално ги побара и ги обезбеди целокупните податоци за регистрираните нелегални градби, кои сите општини во земјава, со исклучок на една, ги доставиле до државниот градежен инспекторат. Според овие податоци, до единиците на локалната самоуправа биле поднесени вкупно 473.352 барања за легализација на дивоградби, од кои досега легализирани се 271.857 дивоградби (57 проценти), што значи дека 201.495 објекти или делови од објекти моментално имаат статус на дивоградба. Ако се има предвид дека во земјава живеат помалку од 2 милиони жители, тогаш може да се извлече груб заклучок дека една дивоградба во просек му доаѓа на речиси секој четврти граѓанин, односно на секое четиричлено семејство. Во рамки на оваа сторија, откриваме како се рангирани општините според бројот на примени барања за легализација, според процентот на легализирани дивоградби, како и според моменталниот број на дивоградби на нивна територија.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска одамна најави дека нема да влезе во натпревар за втор последователен градоначалнички мандат, веројатно свесна дека сама, без поддршка од некој од големите политички блокови, е осудена на неуспех.
А, најголемата потврда дека Арсовска е веќе политички маргиналец се случи на ланските парламентарни избори, кога нејзината политичка партија – Нова алтернатива, која предизборно ја презеде од Ѓорги Оровчанец откако тој се повлече поради здравствени причини, освои само 3.515 гласови.
Колку за споредба, Арсовска стана градоначалничка на главниот град во 2021 година, со поддршка на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со освоени вкупно 86.698 гласови во првиот круг, кои пораснаа на 118.749 гласови во вториот изборен круг, убедливо победувајќи го противкандидатот на СДСМ Петре Шилегов.
Оттука, Арсовска за 3 години бележи вртоглав пад, што е резултат на тоа што остана без поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, но и на други фактори. Имено, таа цел мандат го мина во изговори и барање алиби на други адреси за нерешавање на проблемите во нејзина надлежност наместо да трага по решенија, макар за тоа да мора да прави компромиси.
Сепак, тоа што ѝ се ближи крајот на политичката кариера не ја спречува Арсовска да го заврши градоначалничкиот мандат во, условно кажано, голем стил. Иако често знаеше да се конфронтира со противници и неистомисленици, сепак, таа беше прилично резервирана и во одредена хибернација по двојните избори и политичките промени.
Арно ама, неодамна стана актуелна, откако реши да тргне во лов по дивоградби во Општина Чаир, каде што градоначалник во изминативе 2 мандати е Висар Ганиу, кој важи за близок соработник на неговиот претходник Изет Меџити, актуелен вицепремиер и министер за екологија. И двајцата порано беа дел од ДУИ, меѓутоа сега се во ВЛЕН.
НАД 150 НЕЛЕГАЛНИ ГРАДБИ?!
Поточно, сѐ почна кон крајот на мај, кога скопската градоначалничка Арсовска се вклучи во живо на нејзиниот фејсбук-профил од локација во Чаир, каде што, како што рече, се гради нелегален објект – станбена зграда. Според неа, посочената дивоградба се градела на државно земјиште, без проектна документација и одобрение за градба, како што налага Законот за градење.
– Нема платено комуналии, нема одобрение за градење, нема проект, нема ниеден документ со кој се гарантира безбедност на градба и да не се чудиме она што се случува во Македонија. Дополнително, објектот е во ГУП (Генерален урбанистички план) на Скопје, каде што овие тука си одлучиле да си прават зграда, без ниеден документ… – говореше Арсовска.
Во следните денови, таа со екипи од Град Скопје шеташе и обиколи повеќе точки во Чаир и објави дека на разни места се гради без добиена градежна дозвола. Згора на тоа, го обвини градоначалникот Ганиу дека со фалсификувани документи легализирал 10-катница и повеќе други објекти, кои потоа ги впишал и во Катастарот на недвижности.
–Си извршил легализации спротивно од закон. Да објасниш како си ги впишал во Катастар, а од Град Скопје сите твои барања се одбиени. Ти си поднесувал фалсификувани одобренија од Град Скопје до Катастар. Ниту една ваква дивоградба нема во ниту една скопска општина, само Чаир вака си легализира со фалсификувани документи – рече Арсовска, која го обвини Ганиу дека ѝ се заканувал.
Воедно, таа посочи дека спречила 150 дивоградби за 3 години, кои, според неа, Ганиу сакал незаконски да ги легализира. Во таа смисла, појасни дека Град Скопје, кој добива дел од комуналиите, примил исто толку дописи од Општина Чаир за легализација. Меѓутоа, сите се одбиени, бидејќи, како што истакна, се градени по 2017 година, а не најдоцна до 2011 година, како што, всушност, пропишува Законот за легализација на бесправно изградени објекти.
„ИНСТРУМЕНТ ЗА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА“
Во меѓувреме, чаирскиот градоначалник Ганиу ја обвини Арсовска дека прави шоу и циркус и патем возврати со тоа што организираше истурање смет пред градската администрација. Според него, Чаир бил под опсада на градоначалничката на Скопје, која, како што истакна, била извршител на агенда на „надворешни фактори“.
–Општинската комисија направила грешка за поткровје на зграда и за тоа ќе говориме на суд, ако дојде до тоа. Ја сум последен што потпишува откако решението поминува низ повеќе филтри во општината. Во досието се документи и од Град Скопје за пресметка за комуналии… – возврати Ганиу, додавајќи дека дури и некој да сака, не може да узурпира државно земјиште во Чаир, бидејќи го нема.
Паралелно, неговиот сопартиец и министер за екологија, Меџити ја обвини Арсовска дека станала нов инструмент на Али Ахмети за дестабилизација на државата, откако, според него, пропаднал обидот тоа да се стори со Арбен Таравари, кој реши да ги напушти ВЛЕН и владата и да се пресели во опозиција. Притоа, тој ја доведе Арсовска во корелација со пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети, кој е поранешен градоначалник на Сарај.
Со неговиот став дека Арсовска е дел од сценарио за дестабилизација се согласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој дополнително изјави дека скопската градоначалничка има ингеренции за постапување. Според него, ако таа навистина мисли дека е така, т.е. ако навистина тврди дека има дивоградби во Чаир, тогаш треба да постапува, затоа што, вели тој, од филозофирање и гола реторика народот нема фајде.
–Доколку тие докази се доставени до Јавното обвинителство, предлагам да го оставиме да сработи и се разбира доколку има такви докази да се постапува по истите. Нема дилема, не можеме да санкцонираме или да не санкционираме други, Законот мора да важи за сите. Но, да го оставиме Јавното обвинителство да сработи – изјави Мицкоски.
ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ДОКАЗИ
Инаку, Арсовска информираше дека до Јавното обвинителство доставила „релевантни документи за дивоградбите во општина Чаир“, со надеж дека, како што рече, конечно ќе се постапи со цел обезбедување на доказите, кои се обидуваат да ги уништат. Според неа, се бришеле и антидатирале решенија со цел да се сокрие криминалот во скопската општина.
Како што е познато, Обвинителството отвори предмет за овој случај уште пред повеќе од една година, кога „360 Степени“ објави дека во последниве години се легализирале објекти во Чаир како да се изградени најдоцна до март 2011 година, а во општината се архивирале барањата уште пред спорните објекти да почнат да се градат.
Што се случува со оваа предистражна постапка? Прво, Обвинителството деновиве информираше дека добило известување од СВР Скопје за дивоизградените објекти во Општина Чаир, кои во изминативе денови ги објавува скопската градоначалничка Арсовска. Од таму потенцираа и дека сите службени лица, кои имаат сознанија или докази за извршено кривично дело, имаат законска обврска тоа да го пријават.
Набргу потоа, од ЈО соопштија дека по допрен глас се вршат проверки во рамки на Општина Чаир, како и дека е обезбедена обемна писмена документација од локалната самоуправа, од Министерството за транспорт, од Државниот управен инспекторат, како и од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
„Во текот на оваа предистражна постапка е преземено и дејствие на испитување на повеќе лица, кои даваат потребни известувања, така што беа испитани поголем број службени лица од Општина Чаир, како и дел од барателите на легализација на бесправно изградените објекти на територијата на општината, со тоа што овој процес на обезбедување вербални докази сѐ уште е во тек“, соопштија од Обвинителството.
РАНГ-ЛИСТА НА ОПШТИНИ
Од Јавното обвинителство објаснуваат дека по анализа на севкупниот материјален и вербален доказен материјал, чие обезбедување во овој предмет е во финална фаза, ќе следи донесување и соодветна јавнообвинителска одлука. Во исчекување на одлуката дали предметот ќе се затвори или ќе премине во фаза на истрага, на јавна сцена стапи и првиот човек од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Станува збор за Зухејр Реџепи, кој во интервју за „Лајм“, меѓу другото, изјави дека проблемот со неовластено градење е проблем и феномен во сите општини во државата. Врз основа на официјална статистика за бројот на нелегални градби во рамки на Град Скопјe, тој вели дека Чаир е на 6-то место во конкуренција на 10 општини.
– Од 80 општини на државно ниво, имаме податоци само за 79 општини. Една општина, не знам од која причина, секогаш одбива да соработува со државната институција. Станува збор за Општина Сарај. Гледам дека отсекогаш постоела општина, која никогаш не била предмет на инспекции од страна на урбанистичкиот инспекторат. Не знам што кријат со тие податоци – рече Реџепи.
Според него, листата за нелегални градби ја предводи Гази Баба со 10.934 дивоградби, по што следуваат Гостивар со 8.878 дивоградби, Прилеп со 8.515 дивоградби, Тетово со 8.265 дивоградби, Струга со 7.674 дивоградби, Охрид со 7.589 дивоградби, Кичево со 7.071 дивоградби, Куманово со 5.366 дивоградби, Струмица со 5.235 дивоградби, а во топ-10 влегува и Липково со 5.103 дивоградби. На оваа листа Чаир се наоѓа на 19-то место со 3.258 дивоградби.
„Фокус“ официјално ги побара и ги обезбеди целокупните податоци за регистрираните нелегални градби, кои општините ги доставиле до државниот градежен инспекторат. Што откриваат овие бројки – колку барања за легализација биле поднесени, колку дивоградби биле легализирани, колку објекти моментално имаат статус на дивоградба и како стои секоја општина според овие параметри…?
ПОЛОВИНА ЛЕГАЛИЗИРАНИ ОБЈЕКТИ
Па, според официјалните податоци што ги добивме и со кои располагаме, до општините биле поднесени вкупно 473.352 барања за легализација на дивоградби. Ако се има предвид дека во земјава живеат помалку од 2 милиони жители според последниот попис (1.836.713 жители), тогаш може да се извлече заклучок дека во просек една дивоградба доаѓа на секој четврти граѓанин или на секое четиричлено семејство.
Се разбира, се работи за груб заклучок, од причина што едно лице или субјект може да се јавува како реализатор на десетици дивоградби, а истовремено треба да се има на ум дека бројот на државјани е многу поголем од бројот на резиденти и тој се движи накај 3 милиони лица со македонско државјанство. Независно што многу од нив се иселени, сепак, имаат имот во земјава, па сигурно и многумина од нив имале или имаат дивоградби.
Што уште говори официјалната статистика? Од оние 473.352 поднесени барања за легализација, успешно завршиле нешто над половина или точно 57 проценти. Односно, досега легализирани се 271.857 нелегално изградени недвижни објекти или делови од објекти – доградби, поткровја, тераси…
Така, се доаѓа до бројката од 201.495 нелегални објекти во цела држава, кои моментално имаат статус на дивоградба, од причина што барањата за нивна легализација биле одбиени или, пак, едноставно сѐ уште се во процес на обработка. За појаснување, законот овозможува легализација на дивоградби изградени до 2011 година, со тоа што барателот треба се идентификува како реален сопственик преку сметки, да гарантира со изјава пред нотар и да достави геодетски елаборат.
Што се однесува до Град Скопје, каде што влегуваат Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Аеродром, Кисела Вода, Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и Сарај (660 илјади квадрати и 526.502 жители), биле поднесени вкупно 106.273 барања за легализација, што претставува околу една четвртина од вкупниот број барања во државата. Од нив, легализирани биле 69.155 дивоградби, така што моментално во главниот град има 37.118 дивоградби. Но, оваа цифра не ја вклучува Сарај.
ДИВОГРАДБИ НИЗ СКОПЈЕ
Кога ќе се направи анализа, произлегува дека во Гази Баба имало најмногу барања за легализација на дивоградби (20.031) и најмногу дивоградби во моментов (10.934), што значи дека легализирани се 45 отсто од дивоградбите. Арно ама, мора да се има во обѕир дека оваа општина е најголема скопска општина по Сарај и опфаќа простран урбан дел и рурален дел, со густо населени населби и со бројни селски средини, каде што обично урбанизацијата е помалку контролирана.
Од аспект на поднесените барања на легализација, следува Кисела Вода со 14.958 барања, од кои легализирани се 71 процент, така што моментално 4.279 објекти имаат статус на дивоградба. Според овој критериум, Чаир е на трето место со 13.819 барања, од кои реализирани се 77 проценти, па моментално има 3.158 дивоградби. На трето место е Карпош со 12.688 барања, при што легализирани се 73 проценти, па моментално има 3.377 дивоградби.
Понатаму, во Општина Ѓорче Петров пристигнале 12.484 барања за легализација и моментално има 4.847 дивоградби, што значи дека процентот на легализација бил 61. Следуваат Аеродром со 9.843 барања и моментално 5.066 дивоградби (49 проценти), Бутел со 8.511 барања и 1.850 дивоградби (78 проценти), Центар со 7.134 барања и 1.334 дивоградби (81 проценти) и Шуто Оризари со 6.805 барања и 2.273 дивоградби (67 проценти).
Што може да се заклучи? Гази Баба е на врвот на листата според моментални дивоградби бидејќи, покрај другото, има и понизок процент на позитивно одговорени барања (45 отсто). Двојно, па и повеќе од двојно помалку дивоградби моментално имаат Кисела Вода, Чаир и Карпош, бидејќи таму процентот на легализирани објекти надминува 70. Сепак, најмногу легализирани дивоградби имаат Центар со 81 и Бутел со 78 проценти.
Исто така, може да се констатира дека Чаир котира пониско на листата на општини со актуелни дивоградби (6 место), но котира повисоко на листата на вкупен број дивоградби пред голем дел од нив да бидат легализирани (3 место). Она што патем зачудува е што најмал број барања за легализација се поднесени во Шуто Оризари (6.805), што е помалку дури од Општина Центар (7.134), која важи за една од најсредените општини во урбанистички поглед?!
КАКВА Е СИТУАЦИЈАТА ВО ДРЖАВАВА?
Каква е ситуацијата во другите поголеми општини? Во Куманово, на пример, имало 26.256 барања за легализација, но висок процент биле легализирани (80), така што сега има 5.366 дивоградби. Во Прилеп имало помалку барања – 20.515, но и процентот на реализација бил помал (58), па сега има повеќе дивоградби – 8.515 дивоградби. Во Битола, пак, имало 17.543 барања, но сега има 4.089 нелегални објекти, откако 77 отсто од дивоградбите биле легализирани.
Подолу на оваа листа се наоѓа Општина Охрид, која примила 15.939 барања за легализација, а по позитивното решавање на 52 проценти од нив сега има 7.589 дивоградби. Приближно толку барања стигнале и во Општина Гостивар (15.591), каде сега има 8.878 дивоградби (43 проценти). Во Тетово, пак, имало 14.528 барања за легализација, а сега има 8.265 дивоградби (43 проценти).
Значително повисок степен на легализација се забележува во Штип, каде што биле доставени 13.237 барања, а досега легализирани се 79 проценти и моментално има 2.837 дивоградби. Уште повисок процент има Велес, каде стигнале 10.000 барања, од кои легализирани биле дури 81 процент, така што сега таму има 1.872 дивоградби. Во Кочани, пак, биле легализирани дури 96 проценти од поднесените 8.473 барања, па сега има само 358 дивоградби.
Вреди да се издвојат и Општина Струмица, каде стигнале 12.971 барања и моментално има 5.235 дивоградби (60 проценти), потоа Кичево со 12.538 барања и моментално 7.071 дивоградби (44 проценти), како и Струга која има слаб процент на легализирани дивоградби од 28 отсто, со оглед дека пристигнале 10.723 барања, а моментално има 7.674 дивоградби. Меѓу локалните самоуправи со низок степен на реализација се и Арачиново со 12 проценти, Липково со 14 проценти, Пласница со 16 проценти, а нешто над 20 проценти имаат Градско, Дебарца, Долнени, Крушево…
Врз основа на сето тоа, може да се извлече генерален заклучок дека поголем број дивоградби има(ло) во поголемите општини, додека бројот на моментални дивоградби во голема мера го определил процентот на легализирани дивоградби. Оние општини што досега легализирале повеќе дивоградби, автоматски денес имаат помалку дивоградби, но тоа не значи дека порано ги немало. На крајот, кога се говори за дивоградби треба да се прави разлика меѓу семејни куќи изградени до 2011 година и станбени згради подигнати по оваа гранична година.