Екипите на Реал Мадрид и Ал-Хилал одиграа 1-1 на „Хард Рок Стадион“ во Мајами, во натпревар што донесе многу возбуда и два деби настапи на клупите на двата тима. Иако „кралевите“ важеа за изразити фаворити, тимот од Саудиска Арабија предводен од Симоне Инзаги им пркосеше храбро и дисциплинирано, па по првиот меч може да биде позадоволниот од двајцата дебитанти на клупите, неговиот тим успеа да извлече бод против европскиот гигант.
Ал-Хилал прв се закани преку Леонардо, а кратко потоа Ренан Лоди погоди, но од офсајд позиција. Реал се разбуди и ја презеде контролата, а во 34. минута Гонзало Гарсија, по одлична асистенција на Родриго, погоди за водство. Имаше шанса и за втор гол, но Боно беше сигурен на голот. Во финишот на полувремето, ВАР собата интервенираше по влечење на дрес од Раул Асенсио, па судијата Тељо покажа на белата точка. Сигурен реализатор беше Рубен Невеш за 1-1. До паузата, Ал Давсари имаше одлична шанса за комплетен пресврт, но не успеа да погоди.
Во второто полувреме Реал тргна офанзивно, Ѓулер погоди пречка, Гарсија повторно беше во шанса, но Боно одново блескаше. На другата страна, Леонардо се закани, но темпото полека спласна до самиот финиш. Кулминацијата дојде пред самиот крај. Ал Кахтани направи прекршок во својот шеснаесетник, а судијата по консултација со ВАР покажа пенал. Иако на теренот беше Модриќ, ударот го презеде Валверде, но Боно со нова маестрална интервенција му го донесе бодот на својот тим. Во второто коло Реал ќе се сретне со мексиканскиот Пачука, додека Ал-Хилал ќе игра против австрискиот Салцбург.