Парламентот на Украина денес усвои нов закон со кој на Украинците им се дава право на повеќекратно државјанство, а целта е борба против демографските проблеми, вклучително и преку зајакнување на врските со дијаспората. Ова им отвора пат на украинските бегалци да го задржат своето државјанство и на крајот да се вратат дома. Во исто време, оние од украинско потекло се охрабруваат да аплицираат за државјанство.
Одлуката да се дозволи друго државјанство, покрај украинското, доаѓа во време кога земјата се бори со демографска криза влошена од руската агресија во 2022 година.
Милиони луѓе ја напуштија земјата оттогаш, а стапката на наталитет е на најниско ниво досега, објавува порталот Политико со седиште во Брисел. Законот беше поднесен до парламентот во август 2024 година од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според Политико, владата сега треба да состави список на земји чии граѓани ќе имаат право на двојно државјанство. Новиот закон, исто така, ги поедноставува процедурите за деца родени во странство од украински родители и Украинци кои добиваат друго државјанство преку брак. Странците кои бараат украинско државјанство ќе мора да положат тест и да го докажат своето познавање на украинскиот јазик, историја и устав. Законот, исто така, им олеснува на странските волонтери кои се борат во Украина да станат граѓани на земјата. Граѓаните на „земјите агресори“ и земјите кои не го признаваат територијалниот интегритет на Украина нема да можат да добијат украинско државјанство.