Едно од клучните прашања за секој економист и креатор на економски политики е како да се унапреди животниот стандард на граѓаните. Ова прашање е особено значајно за земји како Македонија, кои се соочува со понизок животен стандард споредено со земјите од Европската унија. Иако одговорот не е едноставен и зависи од повеќе фактори, едно е неспорно дека платите и животниот стандард може да растат само паралелно со растот на економијата и подобрување на реалните параметри, како што е продуктивноста. Анализата на поврзаноста помеѓу БДП по глава на жител (како мерило на нивото на економска развиеност на една земја), БДП по вработен (како мерило на нивото на продуктивност), и нивото на просечните плати, недвосмислено ја потврдува претходната констатација. Имено, земјите како Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, кои имаат пониско ниво на економска развиеност и продуктивност, истовремено се и меѓу земјите со најниски просечни плати во Европа. Во оваа група припаѓаат и некои ЕУ земји како Бугарија и Романија, чие ниво на продуктивност и плати сè уште значителнозначително заостанува зад просекот на поразвиените ЕУ земји.
Извор: Светска Банка и Евростат
Спротивно на економската логика елаборирана погоре, во македонската јавност сè почесто се промовира тезата дека минималната плата е клучен инструмент за подобрување на животниот стандард. Притоа, сè погласни се очекувањата дека зголемувањето на минималната плата треба да води кон раст на просечните плати, а не обратно како што налагаат фундаменталните економски принципи. Всушност, улогата на минималната плата е да обезбеди социјална заштита и намалување на сиромаштијата на најранливата категорија на вработени со релативно ниски квалификации кои работат во трудо-интензивни сектори со ниска продуктивност, но тоа не може да биде двигател на долгорочен и одржлив раст на просечните плати.
Оттука, наша цел треба да биде забрзување на растот на реалните плати и тоа можеме единствено да го направиме преку структурни промени кои ќе ја зголемат вкупната продуктивност во економијата и ќе го забрзаат растот на БДП. На тој начин ќе овозможиме природно да расте минималната плата согласно постоечката формула за пресметка и притоа поголем број на вработени да имаат примања поголеми од минималната плата. За илустрација, според податоците од Управата за јавни приходи (УЈП) и Евростат, дури 22% од вработените во Македонија припаѓаат на категоријата приматели на плата до 110% од минималната плата. Ова претставува значително повисоко ниво од просекот во Европската унија, каде што оваа категорија изнесува околу 10% (најголемо ниво има Бугарија од 13%, а најмало ниво има Чешка од 2.6%).
Она што е позитивен тренд кај нас на почетокот на 2025 година е значително намалување на бројот на вработени лица кои имаат минимална плата и зголемување на бројот на вработени лица кои имаат плата поголема од минималната плата. Имено, од податоците добиени од УЈП може да забележиме дека во последниот месец од 2024 година приматели на минимална плата биле вкупно 35.898 лица, додека тој број во првиот месец од 2025 година е намален на само 9.899 лица, што илустрира позитивна промена во структурата на плати.
Дополнително, ако ги анализираме тенденциите на растот на просечната и минималната плата во изминатиот период вклучувајќи го и последното зголемување на минималната плата во март годинава, како и проекциите за трендовите во наредниот период може да заклучиме дека динамиката на раст на просечната плата, особено кај вработените со пониски примања, ќе биде поголема од динамиката на раст на минималната плата согласно постоечкото законско решение (50% од порастот на просечна плата од претходната година и 50% од пораст на трошоци за живот согласно податоците од Државниот завод за статистика).
Ова ќе придонесе за понамошно намалување на бројот на вработени кои примаат минимална плата, што, пак, ќе значи дека животниот стандард на лицата со ниски или минимални примања ќе се подобрува и без институционално зголемување на минималната плата. Секако, за да се забрзаат процесите преку кои дел од вработените лица со пониски плати и примања ќе бележат позначително подобрување на животниот стандард, неопходни сe политики насочени кон:
1) Поттикнување на растот на вкупната факторска продуктивност во економијата што ќе влијае врз зголемување на продуктивноста во некои локални услужни дејности каде има голем процент на вработени со минималната плата и ниски примања;
2) Структурна трансформација која подразбира пренасочување на дел од вработените од сектори и индустрииите со најниска продуктивност кон други сектори со поголема продуктивност;
3) Поголеми инвестиции во дел од секторите со ниска додадена вредност и ниска продуктивноста со цел подобрување на техничко-технолошката ефикасност и кадровската подготвеност, што де факто ќе придонесе за пораст на платите во тие сектори.
Не помалку важно е да се истакне дека, покрај анализите базирани на официјалните статистички податоци, реалноста на пазарот на труд во Македонија сè уште вклучува значителен дел неформални активности кои не се евидентирани и не се одразуваат во податоците за официјалните примања на вработените. Имено, еден дел од вработените или оние кои се само-вработени се осигурени формално на минимална плата поради избегнување на дел од обврските за придонеси кон државата, што не содејствува со нивните реални примања. Дополнително, најголем дел од работата што формално вработените лица ја обавуваат како дополнителна работа не поминува низ формалниот систем и истата не се евидентира во официјалните податоци. Голем е бројот на вработени лица од приватниот и јавниот сектор кои, покрај основната работа, дополнително вршат втора или трета дејност на неформалниот пазар на труд. Примањата остварени од тие активности најчесто не се евидентираат во официјалната статистика или, пак, се регулирани исклучиво преку авторски договори.
Тука секако се лица кои извршуваат најразлични дејности, како што се: занаетчиски дејности, земјоделски дејности, угостителски дејности, градежни дејности, или лица кои се даватели на најразлични услуги: забавни услуги, услуги за транспорт на лица и стоки, трговски услуги, образовни и едукативни услуги, помошни и друг тип на услуги.
Ова значително ја искривува реалната слика за примањата на дел од граѓаните и отвора простор за различни интерпретации при креирање на јавниот дискурс околу прашањето за реалниот животен стандард во земјата. Не помалку важно е тоа што сивата економија, која се случува на неформалниот пазар на труд, претставува сериозен предизвик во однос на изгубените буџетски приходи на државата, но и во однос на нелојалната конкуренција која го става во неповолна позиција формалниот бизнис.
На крај, пораката што сакам да ја испратам е дека сите ние, како општествени чинители, треба да се однесуваме и постапуваме одговорно, да гледаме на состојбите низ призмата на реални факти и конструктивна размена на мислење, и да се обидуваме активно да придонесеме кон подобрување на општествено-економската состојба во која се наоѓа македонската економија и нашите граѓани.
Тоа подразбира: бизнис-секторот и компаниите да инвестираат и да креираат подобро платени работни места; работниците да го надградуваат своето знаење и вештини со цел градење на поконкурентна економија; а носителите на економските политики да креираат реални и одговорни политики кои ќе овозможат подобар животен стандард и одржлива макроекономска стабилност.
Проф. д-р Дарко Лазаров,
Универзитетски професор