Синдикатот на контролорите на летање на Македонија упатил предупредувачко писмо до Управниот одбор на Македонска навигација (М-НАВ) дека на 10 јули контролорите стапуваат во штрајк и го затвораат небото ако не се спроведе Спогодбата од пред Нова година со која се прекина тогашниот штрајк, ако итно не се престане со тајно менување на систематизацијата и со бутање непотребни партиски кадри место контролори, инженери и метеоролози, ако не се имлементира новиот АТМ (аеротрафик менаџмент) систем и не се изврши транзиција на новите технички системи, пишува Сакам да кажам. Незадоволството екплодирало дополнително со најновиот оглас распишан од тројцата директори: Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Фатмир Зимбери, за несуштински, непотребни кадри – советници на директорите, потоа профили со средно образование и други измислени работни места, во ситуација кога недостасуваат нови и помлади контролори на летање. Извори во М-НАВ за Сакам да кажам велат дека таму ситуацијата веќе не е поднослива, особено сега по избувнувањето на војната меѓу Израел и Иран, кога сообраќајот над македонскиот воздушен простор е зголемен и за 30 отсто.
„По затворањето на небото над Иран и Израел, цел авиосообраќај се слева кај нас. Тоа е многу, многу зголемен број на прелети, а ние сме со стар систем купен во 2001 година. Новиот не е имплементиран. И тој, новиот веќе не е нов, купен е во 2014 година“, велат во М-НАВ. За последниот оглас Министерството за финансии дало согласност за метеоролози и инженери, зашто четворица заминуваат в пензија речиси одеднаш.
„Како тие инженери и метеоролози се претворија во советници и среднисти, не ни е јасно и одговор треба да си даде Управниот одбор со тројцата директори“, велат соговорниците. Синдикатот во дописот вели дека нема веќе да чека и на Управниот одбор му дава рок до 30 јуни да ги исполни барањата. Во известувањето до директорите, се укажува дека АТМ-системот може секој момент да откаже, дека негови сегменти често прегреваат. На почетокот на мај, кога се одлучило дека не може, дека не било безбедно пред летната сезона да се имплементира новиот систем, Здружението на контролори на летање испратило конкретно и детално предупредување до директорите во Управниот одбор, со барање да се побара помош од соседните земји да ја преземат контролата ако се случи хаварија. Но, ни тоа не е направено.
Во предупредувачкото известување, Синдикатот го потсетува раководството дека М-НАВ ќе остане без осигурување од дејност (што е страшно зашто државата ќе треба да плаќа отштета во случај на авионска несреќа), дека над 9 месеци нема ангажирано компанија за обезбедување, нема инфраструктурни зафати, нема јавни набавки итн, обвинувајќи ги тројцата директори дека со несуштинските вработувања „ги отплаќаат своите фотелји“.