Болницата во Кочани не е гранапче, туку сериозна болница со годишен буџет од 4 милиони евра и 50 лекари, но претходниот директор од СДСМ не им исплаќал додаток на плата на вработените, па тие ја тужат болницата и тоа за големи пари – 22 милиони денари, рече директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски. Тој денеска информираше дека цела здравствена заштита на повредените во пожарот во „Пулс“ нема да се одвива во Скопје како што досега се планираше – туку дека се префрла во болницата во Кочани како централна точка за здравствена заштита на повредените. Клековски најави дека долгорочно, со години, повредените од пожарот ќе добиваат бесплатна здравствена заштита во Македонија.
Првичниот план бил лекувањето да се одвива во Скопје, на Клиниката за пластична хирургија, во ГОБ „8 Септември“ и во „Св. Наум Охридски“, но поради укажувањето од експертите прво физикалната терапија се пренесе во Кочани, а од оваа недела таму спроведени се 10 интервенции со плазма збогатена со тромбоцити. Со префрлувањето на спирометријата и гасните анализи, најголем дел од здравствената заштита за повредените ќе се одвива во Општата болница Кочани.
Централна точка за грижа на повредените стана кочанската болница.
Се создава токсична пропаганда дека ништо не се прави. Разбирам критика, ама пристапот дека ништо не се прави создава несигурност кај повредените и нивните семејства и имаат притисок да брзаат и да бараат консултации надвор од воспоставените доктрини за третман на изгореници. Апелирам да бидат смирени, ние сме комплетно посветени на нив и сме во комуникација со соодветни центри за изгореници. Не се препорачува употреба на ласер за третман на изгореници порано од 6 месеци. Треба да поминат 1 или 2 години и да заврши заздравувањето на кожата пред да почнат естетските зафати за подобрување на изгледот. Сите прашања пациентите да ги консултираат со доктор Катерина Мирчовска, директорката на болницата во Кочани и со стручниот тим, рече Клековски. Повредените ќе треба да ги носат компресивните одела најмалку две години и во тој период оделата ќе се менуваат и ќе се земаат мерки повторно. Вакви компресивни одела во моментов носат 58 лица со изгореници на телото и 8 лица со изгореници на вратот и лицето. Десетмина што уште се лекуваат во болница ќе ја добијат по излегувањето, а на 15 дополнителни повредени наскоро ќе им бидат земени мерки. Властите ги послушале експертите од Велика Британија што им сугерирале физикалната терапија да се одвива во Кочани. Поканиле и експерти од Израел за совети, ама поради војната нема полетувања на авиони од Израел па тие не можат да дојдат.
-Наскоро ќе дојде експерт за ампутации од Словенија, за да се погледне опција за третман на тие што имаат ампутација на прстите. Одобривме контролни прегледи во болницата „Пирогов“ во Бугарија за 6 пациенти што сакаат таму да се контролираат. Апелираме дека најдобро место за третман е Кочани. Се консултираме со експертите од Белгија за следните чекори, вклучувајќи лекување во странство за наредната фаза ако е неопходно и ако така проценат лекарите, рече Клековски. Во болницата во Кочани има барање да се вработат доктори ама неповрзано со третманот на повредените во „Пулс“, поточно 2 акушерки. Но, се бара вработување и на 2 физиотерапевти за да се ослободи едниот „позајмен“ од Штип, како и хигиеничарки и медицински сестри. Засега 5 повредени се во странство, а 5 продолжуваат да се лекуваат во Скопје. Една пациентка останува во тешка состојба.
-Деновиве се прави проценка за позначително пресадување кожа кај неа. Таму проблемот е инфективен и се третира со најдобрите достапни антибиотици. ФЗОМ дава здравствена заштита на сите со и без здравствено осигурување, рече Клековски. Клековски најави дека министерот за здравство ќе ја измени програмата за млади и така повредените од „Пулс“ нема да плаќаат партиципација.
-Имаме две боледувања кои се спорни и работиме на нивно разрешување, бараме начин, истакна директорот на ФЗОМ.
На крајот на неделата 48 од повредените ќе заминат во Пониква на физикална рехабилитација. Нивното заминување е пролонгирано на нивно барање, зашто неодамна им била направена нова интервенција на плазма збогатена со тромбоцити. Во Пониква, како што информираше Клековски сите мерки за нивен дочек се преземени – вработени се хигиеничари за да се обезбеди максимално чиста околина. Заминувањето во Пониква е на доброволна основа.