Во последните неколку месеци, поточно почнувајќи од април годинава, најголемите гробишта во Скопје, гробиштата „Бутел“, кои се вечен дом на стотици илјади починати и место каде што има голема раздвиженост на луѓе, особено во периодот пред и по празникот Духовден, гробните места и гробовите се атрактивна мета на вандали и крадци, кои ги таргетираат бронзените надгробни бисти и со специјални алати во последните три месеци откорнале седум надгробни бронзени бисти.
Сепак, не сите несовесни граѓани што иновативно и незабележано упаѓаат на најголемите гробишта во Македонија си одат со некаков „плен“. Дел од нив имаат различни мотиви и веројатно упаѓаат со цел да направат некоја пакост и штета на гробовите. Доказ за тоа се искршените бетонски или мермерни плочи под кои се наоѓаат останките на починатите, откорнатите крстови со имињата на луѓето што се закопани во тоа гробно место и искршените венци со последните поздрави од најмилите, глетка од која ретко кој би можел да остане рамнодушен.

Акционерското друштво „Бутел“ располага и раководи со гробиштата во Бутел, Ѓорче Петров и во Камник, од кои оние во Бутел се значително поголеми од останатите две локации. Според состојбата на крајот на 2024 година, на гробиштата во Бутел има вкупно 870.800 гробни места, во Ѓорче Петров 9.983, а во Камник 6.395 гробни места.Со оглед дека ова се податоци од извештајот до крајот на минатата година, денес бројот на гробни места сигурно е зголемен.
Екипа на „Слободен печат“ пред околу еден месец беше на скопските гробишта во Бутел и ја увиде катастрофалната ситуација со оштетените гробови, но неизбежно беше да се забележи и дека патеките до парцелите долго време не беа уредно средени, обраснати со висока трева што е нормална појава со почетокот на пролетното расцветување и раззеленување на тревните површини.

Тогаш, „Слободен печат“ пишуваше за неискосената трева што целосно ги покрива и дел од гробовите, со што, за жал, не се ни распознаваа ни идентитетите на починатите.Од АД „Гробишта Бутел“ во однос на неискосените треви ни одговорија дека тие уредно и редовно се косат, иако тоа не беше случај со оглед на бројот на поплаките и фотографиите што стигнуваа до нашата редакција.
Со зголемувањето на овие случаи на вандализам и кражби и доскорешните неискосени високи треви на гробиштата, се отвора прашањето дали гробиштата „Бутел“ се сигурни и доволно обезбедени за да не бидат оштетувани и узурпирани од непознати вандали и крадци.

– Низ градските гробишта на сите локации има поставено камери што покриваат поголем дел од просторот и досега таа инвестиција се покажа од огромна корист за безбедноста на градските гробишта. Службата за обезбедување исто така отсекогаш е активна на сите локации и совесно си ја извршува работата во обезбедување ред и мир – велат од АД „Бутел“.
Ако се земе предвид дека бутелските гробишта се протегаат на површина од над 830.000 метри квадратни, за обезбедување на оваа површина веројатно се потребни голем број на камери и чувари, кои иако се пофалени и претставени како одлична инвестиција од страна на АД „Гробишта Бутел“, во периодот од 16 април, па до денес, според полицискиот билтен на МВР, од Бутел биле насилно откорнати и изнесени вкупно седум бронзени бисти.Од Министерството не одговорија на прашањата од „Слободен печат“ колку од овие случаи се разрешени и колку од крадците се пронајдени. Тоа што гробиштата „Бутел“ честопати во изминатите три месеци се мета на вандали и крадци, кои во седум наврати упаднале на гробиштата, најверојатно навечер и ги сквернавеле гробовите и надгробните плочи ги тера граѓаните да се прашаат дали на овој простор му е потребно значително подобро обезбедување?Ова беше едно од прашањата кои ги поставивме на АД „Гробишта Бутел“, а од нив побаравме и одговор за тоа кој ги покрива штетите за осквернавените гробови.